Највозрасниот читател запишан во Охридската библиотеката е Воскресија Капричева која е родена 1934 година, додека најмладите се на двегодишна возраст, Симона Пљакоска и Лилиана Ристеска, кои нивните родители ги зачлениле и земаат книги да им ги читаат. Библиотеката има многу читатели, но и богат фонд на книги. А книгите се живи организми што дишат заедно со читателот, ризиници на знаење и чувари на вредностите. Ова беше посочено на пригодната свеченост која денес се одржа во НУ Библиотека „Григор Прличев“ по повод одбележувањето на 23 Април – Светскиот ден на книгата и авторското право на која беа прогласени најдобрите читатели и најчитаните книги.

Љубител сум на бестселери, имам голем фонд на такви книги. Уживам во читањето на книги на тераса кога е убаво времето. Треба да се читаат книги, јас се навикнав и не можам без читање. Секоја книга е убава засебе и на почетокот ако не е убава мора да се дочита до крај за да се види убавината, вели Капричева, потенцирајќи дека и понатаму ќе продолжи да чита.
На денешниот настан беа прогласени најчитателите за изминатата година во категориите деца и возрасни. Во одделението за деца Сергеј Тасетовиќ има најмногу прочитани книги, 40 книги за една година, а по него Филип Кордоски со 33 и Мила Стојческа со 27 прочитани книги.
Сакам многу да читам претежно приказни. Некои книги се поголеми, некои помали. Знам да читам од три години. Со читањето книги се тренира фокусот, си создаваш во главата слики, се збогатува фондот на зборови и се подобрува изразувањето. Кога некој збор не знам што значи додека ги читам книгите ја прашувам мајка ми да ми објасни. Сите четири книги од Капетан Гашник ми беа интереси, нив ги прочитав минатата година, вели петтоодделенецот Филип Кордоски.
Во одделнието за возрасни, најчитател е Весна Атанасоска со 152 прочитани книги, втора е Марија Петковска со 136 и Ленче Стефаноска со прочитани 119 книги во текот на една година.
23 Април – Светскиот ден на книгата и авторското право, ден што ги слави читањето, книжевноста, писателите и нивното право да бидат признати и заштитени за нивна креативност, вели директорката на Библиотеката Христина Трпеска.
Овој ден не собира повторно во Прличевата одаја на изворот на творештвото и трезорот на старите и ретки книги. Библиотеката има читатели со кои може да се пофали, но има и доста голем фонд на книги. Најмладиот читател е на возраст од 2 години кој е зачленет од страна на родителите и тие му читаат, а највозрасниот 92 години. Книгата денес, и покрај дигитализацијата, претставува непроценлив извор на знаење, духовна исполнетост и бескрајни можности. Таа е повеќе од само физички предмет, таа е ризиница на знаење и образование, алатка за личен развој, емоционална поддршка и бегство, чувар на вредности и дигитална трансформација. Во ера на брзи информации, книгата останува клучен медиум за длабинско разбирање на светот и на себеси, посочи Трпеска.
По повод Светскиот ден на книгата и авторското право Националната библиотека на Македонија одлучи националната порака оваа година да ја напише авторот Иван Шопов која беше прочитана и во Охрид.
Книгите не се за метеж и врева. Тие се како оној лик што не зборува многу, но кога ќе каже нешто – остава трага. Не те убедува и не ти објаснува премногу. Само ти дава нешто и те остава сам со тоа. А тоа знае да биде незгодно. Училиштата понекогаш нè навикнуваа дека некој треба да ни каже што треба да почувствуваме, што е „пораката“, што треба да „сфатиме“. Добрите книги не играат така. Тие ти даваат простор. А просторот знае да биде опасен. Особено кога ќе останеш сам со себе. Без бучава, без бегање. Само ти и некоја реченица или стих што упорно ти се враќа, се вели во пораката на Иван Шопов, а ја прочита библиотекарката Бети Лазеска – Симоноска.
Оваа година, УНЕСКО ја избра познатата мексиканска писателка Елена Понијатовска (Elena Poniatowska) да ја напише светската порака, покрај вообичаеното обраќање на Одри Азуле, а на настанот ја презентираше м-р Мариче Боздоганова, советник библиотекар во установата.
Книгата не е само предмет што го ставаме на полица; таа е жив организам што дише заедно со читателот. Во овој свет што брза, каде екраните ни го крадат вниманието, книгата ни го враќа правото на тишина и на сопствени мисли. Да се пишува значи да се остави трага, но да се чита значи да се даде смисла на тој живот. Книгите се единственото место каде што сè уште можеме да се сретнеме како луѓе, без предрасуди и без граници, се вели во пораката која ја прочита Боздоганова.
Најчитаните автори и книги во детскиот оддел се „Мојата ризница со бајки за принцези“ од Даниела Божиновска, „Прашања и одговори за животните“ од Весна Дукоска, „Мирабела има лош ден“ од Хариет Мункастер, „Книга за џунглата“ од Киплинг и „Мојата куќа“ од Ана Сосо. Меѓу возрасните читатели најпопуларни во текот годината биле книгите „Сопругата на винарот“ од Кристин Хармел, „Последното писмо“ од Ребека Јарос, „Професорот“ од Фрида Мекфаден, „Сите недовршени нешта“ од Ребека Јарос и „Палатата со магнолии“ од Фиона Дејвис.

На денешниот настан им беа врачени благодарници на околу 40 донатори на книги за чинот на збогатување на книжниот фонд.
Н.С.Ј.

























