На петте државни универзитети во Македонија има вкупно 28.988 слободни места, предвидени за  студенти кои ќе се запишат во прва студиска година во академската 2012/2013.

За редовни студенти во државната квота се обезбедни 17.371 место, 7.805 се за квотата редовни студенти со кофинансирање на студиите и 3.812 слободни места има за вонредни студенти.

На Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид има 300 слободни места, од кои 220 за редовните студенти во државна квота и 80 слободни места за квотата редовни студенти со кофинансирање на студиите. Првиот уписен рок на овој универзитет е на 16-ти 17 август, вториот е на 3-ти и 4 септември и третиот на 15-ти идниот месец.

На Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола има 4.058 слободни места, од кои 2.085 за редовните студенти во државна квота, 1.329 за квотата редовни студенти со кофинансирање на студиите и 644 слободни места за вонредни студенти. Првиот уписен рок на Битолскиот универзитет е на 16-ти и 17 август,  вториот на 3-ти и 4 септември и третиот уписен рок е на 17 септември.

На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје има 12.251 слободно место, од кои 6.904 за редовните студенти во државна квота, 3.931 за квотата редовни студенти со кофинансирање на студиите и 1.416 слободни места за вонредни студенти.
Првиот уписен рок на Скопскиот универзитет е на 16-ти и 17 август, вториот е на 3-ти и 4 септември и третиот уписен рок на 17-ти идниот месец.

На Државниот универзитет во Тетово има 5.170 слободни места, од кои 3.445 за редовните студенти во државна квота, 1.280 за квотата редовни студенти со кофинансирање на студиите и 445 слободни места за вонредни студенти. Првиот уписен рок на ДУТ е од 21-ви до 24 август, вториот од 5-ти до 7 септември и третиот уписен рок е од 17-ти до 21 септември.

На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип има 7.209 слободни места. Од нив,  4.717 се за редовните студенти во државна квота, 1.185 за квотата редовни студенти со кофинансирање на студиите и 1.307 слободни места за вонредни студенти.Првиот уписен рок на Штипскиот универзитетот е на 15-ти и 16 август, вториот на 3-ти и 4 септември и третиот уписен рок е на 14 септември.