Исчезнува балканскиот рис и шумите кои се негов дом. Шумите се незаменливи за рисот, тие обезбедуваат засолниште и храна како и коридори за поврзување со други популации и хабитати. Ако ги изгубиме шумите, ќе го изгубиме и рисот. Сепак, има зрак на надеж за Балканскиот рис, велат од НП Галичица.

Овогодинешното истражување со фотозамки на целата територија на балканскиот рис покажало погубни резултати се наведува во најновото издание на билтенот од Програмата за закрепнување на балканскиот рис.

Фотографирани беа само еден рис во Косово, четири во Албанија, и тоа на два различни локалитета, и пет риса во Националниот парк „Маврово“, или половина од бројот на единки фотографирани пред три години на истата територија. Иако во близина на паркот и во други подрачја забележани се и други единки во Јасен и во НП „Галичица“, постои значително мал број единки за да се обезбеди долгорочен опстанок на балканскиот рис. Загубата и фрагментацијата на шумите, заедно со криволовот и прекумерниот лов на дивечот претставуваат главна закана за опстанокот на балканскиот рис во изминатите децении. Од 2006–2020 година биле утврдени 14 случаи со криволов на рис, се наведува во статијата. 

Постои загуба на недеградирани подрачји на шума и на покриеноста со дрвја, укажуваат резултатите на двете анализи за состојбата со шумските екосистеми на територија на распространување на балканскиот рис за 12 годишниот период. Степенот на деградација просторно е различен, но општиот тренд е неодржлив во сите земји. Албанија  и Македонија имале мошне негативен тренд на промени во површините под шума во периодот 2000–2012 година, со загуба на површина со недеградирани шуми од 6,78%, односно 4,88%.

Ваквите резултати се загрижувачки и треба да се земат како силна основа за понатамошни истражувања и итно делување. Исто така, тие треба да се предвидат и кога со надлежните во земјата се планираат и спроведуваат национални политики за шумарство со цел да се спречи загуба на шумите во подрачјата каде има балкански рис, се додава во статијата.

Светла точка за балканскиот рис се гледа  кон крајот на 2020 година кога ренџерите од НП „Галичица“ ја направија првата фотографија на балкански рис во Паркот со помош на фото замка. Набргу потоа при  сесија на фото замки во преспанскиот регион што ја спроведе Македонското еколошко друштво повторно се фотографира истата единка и истата година следеа уште неколку фотографии. Единка на балканскиот рис во шумите на Галичица беше фотографирана и во 2021 година, со што се заклучува дека единката го населува Националниот парк.

Вака и се нагласува колку се потребни и битни добро зачуваните коридори кои ќе овозможат поврзување на јадровите подрачја со подрачјата за дисперзија и реколонизација на единките. Поддршката од НП „Галичица“ е од огромно значење за зачувување на овој критично загрозен подвид, се додава во Статијата.

OhridNews