Во рамки на годишната конференција на европскиот огранок на Друштвото на научници на блатните екосистеми(SWS) што се одржува во Охрид, утре, ќе се одржи  официјална сесија на која се очекува да се обратат и градоначалникот на Охрид,  Јован Стојаноски, потпретседателот на Македонскиот Рамсарски комитет и претставник на МЖСПП, Александар Настов и деканот на ФТУ, Цветко Андреески.

На Конференцијата се собраа околу педесет еминентни експерти за блатни екосистеми од целиот свет со цел да разменат најнови информации за состојбата на блатните екосистеми, да понудат решенија за предизвиците кои современото управување со земјиштетото и урбанизацијата ги наметнува врз нив, за жал запоставени, но сепак суштински делови на нашата животна средина.

Во текот на Конференцијата можат да се чујат повеќе од 30 трудови во кои е јасно одразена улогата на блатните екосистеми и вредноста која тие ја имаат преку обезбедување на биолошката разновидност и услугите кои ги нудат. Екосистемските услуги даваат исклучителна можност за развој на регионалната економија преку одржлив развој на (еко)туризмот и едукација на јавноста. Затоа, заштитата и ревитализацијата на ова природно богатство треба да има највисок приоритет.

За време на Конференцијата е предвидена и посета и проценка на состојбата на Студенчишко Блато. Еден од многу важните документи кој ќе произлезе од оваа Конференција е Декларацијата за заштита и ревитализација на Студенчишко Блато и Охридското Езеро на  која членовите на SWS ќе ја предложат за гласање на завршната сесија од вториот конференциски ден.

OhridNews