Доколку им биде дадена понуда да заминат во странство, над 68 проценти од универзитетските професори би ја напуштиле земјата, покажа истражувањето за студијата „Воспоставување на критериуми за квалитет во општествените науки во функција на спречување на одливот на мозоци од РМ“, што  беше презентирана денеска на Правниот факултет Јустинијан Први.

Мишо Докмановиќ, професор на Правниот факултет и автор на студијата, рече дека 68 проценти би ја разгледале можноста да ја напуштат Македонија, доколку им биде дадена понуда да заминатво странство, а над 20 отсто од испитаниците веќе имаат презеле конкретни активности за да ја напуштат земјава.

„Државата десетици години инвестирала финансиски средства во образование, истражување, плати на најобразованите, а сега за 200-300 евра повеќе или помалку плата се доведува во ситуација да ги загуби“–вели Докмановиќ, додавајќи оти најголем дел од нив би ја напуштиле земјата поради подобар животен стил, а тоа подразбира подобра плата, односно егзистенцијалниот момент е пресуден.

Истражувањето на Институтот, исто така, покажува дека над 40 отсто од испитаниците би прифатиле работа во странство и која не одговара на нивните квалификации. Студијата на ИСИЕ нуди неколку препораки за клучните носители на политики, првенствено Министерството за образование и наука, универзитетите како и другите институции и организации.

OhridNews
Макфакс