Резултатите од две различни истражувања на јавното мислење во Грција, објавени во весниците „Катимерини“ и „Прото тема“, покажуваат дека 71,7 проценти и 74,5 отсто од Грците не се согласуваат со име во кое би бил вклучен терминот Македонија.
 
Грчкиот институт за истражување и анализа „Дианеосис“, под наслов „Што мислат Грците“, спроведе истражување во периодот од 16 јануари до 5 февруари, а едно од прашањата се однесува и на проблемот за името. Според резултатите што ги објави весникот „Катимерини“, за Грција да не прифати сложено име што ќе го вклучува терминот „Македонија“ одговориле 71,7 проценти од испитаниците, додека пак  24,6 отсто дека немаат проблем со сложено име.

Во второто истражување, спроведено од агенцијата „Марк“ за весникот „Прото тема“, меѓу другите прашања, анкетираните требале да одговорат и на тоа дали „Владата треба да го прифати терминот „Македонија“ во новото име на Скопје или не?“.

Негативно одговориле 74,5 проценти, позитивно 21,8 отсто, а останатите 3,7 проценти рекле дека не знаат или не сакаат да одговорат. Анализирајќи ги резултатите, весникот коментира дека треба да се забележи дека против компромис со терминот Македонија се 63,5 отсто од гласачите на владејачката сириза.

OhridNews