Превенција на криминалот преку соработка на полицијата со заедницата, е темата на денешниот состанок на советодавната група граѓани од Охрид.

– Состанокот тематски ќе биде посветен на конципирање превентивни мерки за борба против криминалот како и мерки за интензивирање на соработката помеѓу полицијата и заедницата, вели портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

На средбата што денес во 13 часот ќе се одржи во средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“, ќе биде направен осврт кон актуелната безбедносна состојба, а ќе се разговара и за други прашања од безбедносната сфера.   

На средбата, покрај претставниците на Секторот за внатрешни работи Охрид, ќе учествуваат и претставници од школските центри во градот, секторот за образование при локалната самоуправа, локалниот совет за превенција од Охрид, од центарот за социјални работи, советот на родители, од невладините организации и мисијата на ОБСЕ во Охрид.

OhridNews