Дваесетина стари, руинирани и напуштени  куќи во стариот дел на Охрид, кои секој момент може да се срушат, претставуваат голема опасност за жителите на овој дел од градот но и за туристите кои често се шетаат по тесните улички и ја  фотографираат автентичната охридска архитектура. Помеѓу распаднатите градби, на кои им пресудил забот на времето, има и такви кои се лоцирани на  многу фреквентни места, па покрај тоа што се потенцијален ризик за минувачите и околината, ја нагрдуваат охридската туристичка слика.


Жителите кои живеат во соседството на руиниранитете објекти се жалат дека движењето им е ограничено и често пати бираат заобиколен пат до дома.
 
-Ова е улица каде што се движи многу народ, ние овде поминуваме секојдневно, имаме свои потреби. Куќава е надвисната буквално на патот, чиниш секој момент ќе се струполи, луѓето се принудени да одат од другата страна, навистина мислам дека треба да се превземе нешто и истата да се сруши. Сопствениците  не знаеме каде се, но навистина е опасно да стои вака, не само за минувачите туку и за околните објекти, вели жител на Варош, кој живее во близина на една напуштена и распадната куќа.


Од Комуналниот инспекторат при Општина Охрид,  велат дека се запознаени со состојбата со опасните руини  и најавуваат дека оваа пролет ќе организираат  уште една акција за отстранување на ваквите објекти.

– Во моменетов имаме вкупно 37 решенија, донесени од  страна на Секторот на урбанизам за рушење на ваквите стари куќи, кои претставуваат опасност. Најголемиот дел од нив се лоцирани во населбите Варош, Месокастро и Кошишта, но има и такви кои се наоѓаат во другите делови на градот. Речиси сите објекти кои што треба да се отстранат се празни и во нив не живее никој, освен куќата наспроти вториот Чинар, за која сум посебно загрижен, затоа што веќе има спор околу станарското право и состојбата премина во надлежност на Државниот градежен инспекторат кој треба да го изврши рушењето, вели Танас Танасоски, раководител на општинскиот инспекторат во Охрид.


Тој појаснува дека постапката за отстранување на објектите е многу скапа и дека наплатата од сопствениците се реализира многу тешко и најчесто ја спроведуваат по судски пат.

Проблем имаме бидејќи согласно Законот најпрво ги задолжуваме сопствениците сами да ги срушат куќите, но доколку тоа не го направат , ние мора да ги отстраниме, но повторно на нивен трошок, па тешко може да наплатиме спогодбено. Исто така голем дел од овие објекти во сопственост на повеќе сопственици, што уште повеќе ја усложнува самата постапка, нагалсува Танасоски.

Во претходната акција за рушење на старите и руинирани куќи, која се спроведе минатата година беа отстранети вкупно 9 вакви објекти.

Е.М.