Годинешниот лауреат на Прличевите беседи, Зоран Пејковски, денес , на организираната свеченост  во негова чест, ја доби наградата за поемата „Македонски стар и нов завет“, која од страна на стручното жири беше избрана за најдобра во 2016.

Како што истакна Пејковски, особена гордост претставува добивањето на оваа значајна и престижна Прличева награда, особено на 65-годишницата од нејзиното востановување.

– Да се добие Прличевата награда е голем предизвик за сите писатели, затоа што не попусто таа го носи името на македонскиот Хомер, Григор Прличев, поетот што македонската поема ја издигна на едно европско и светско ниво. Јас никогаш не сум имал намера да пишувам поема, затоа што сметав дека никој од нас писателите не сме биле достојни на тоа духовно ниво како Прличев во своето време. Но, ете и тоа се случи благодарние на Прличев во оној момент кога се зафатив да го проучувам и да ја пишувам драмата „ Совршенство или смрт“ посветено нему, бидејќи догодина се навршуваат 125 години од неговата смрт, рече Пејковски.

Претседателот на стручното жири, Трајче Кацаров, вели дека поемата „Македонски стар и нов завет“ има индикативен и мошне обврзувачки наслов, да се најде парабола со она што претставуваат митовите, легендите и приказните во стариот и новиот завет.

– Авторот се одважил да ја доближи македонската историја до сите легенди и приказни, до она што како непобитна вистина ја носи во себе Библијата. Тоа е она што и авторот го нагонува на одмерена прецизна и строга реч, тоа истото го тера читателот со особена почит да приоѓа кон делото, рече Кацаров.

Пред присутните на свеченоста што се одржа во рамки на Прличевите беседи се обратија и директорот на Центарот за култура Горан Стојаноски и заменик градоначалнникот Ангел Јанев. При тоа, беше истакнато дека најголемото име на македонската литература на 19 век,  Григор Прличев е несомнено најголемиот поетски талент помеѓу македонските книжевници од овој период, воедно и типичен пример на македонските интелектуалци од тоа време.

Стихови од поемата читаа актерите Јасмина Билаловиќ и Павел Маслов, а свој настап имаше и хорот при  Центарот  за култура. Се одржа и драмска презентација на историската поема „Дениција“ на великанот на македонската книжевност – Петре М. Андреевски.

Прличевите беседи продолжуваат утре за кога се предвидени низа активности.

OhridNews