На фестивалот „Cheese“ во Бра наградата „Resistenza Casearia“ за отпор при производството на млечни производи годинава ја доби нашиот Давид Неделковски од „Кози млеко планина“.

Станува збор за престижно признание што инспирира, бидејќи Слоу Фуд наградата ја дава на најупорните, најдоследните и најтрадиционалните во производство на сирење. Тоа се луѓе ентузијасти, кои го одбиваат покусиот пат, упорно продолжувајќи да произведуваат сирења со почит кон животната средина, животните и традицијата, зачувувајќи го извонреднното наследство на знаење, пејзажи и вкусови.

„Кој би рекол дека козите, млекото и планината ќе ме доведат до тука, дека некој ја забележува мојата активност и трага- раскажува Давид, веднаш откако се закити со признанието „Resistenza Casearia“. „Константната работа ми ја оддржува скромноста, козите – истрајноста, нивната благосостојба е огледало на мојот успех и посветеност, планината, чекорењето по ливадите и дабовите шуми – мудрост и трпението, предизвиците ми го негуваат отпорот, млекото и сирењето се плодови на трудот, со нив си го насладувам и телото и духот, Раштак ми дари аманет и тежина, семејството љубов и верба, а небото надеж.

Чувствувам експлозија од емоции и спомени, измешано од сите години наназад, надживеани искушенија, вриштам во себе… Деновиве тегнев сточна храна до фармата за да им биде при рака на моите додека ме нема, на потта ми се лепеше прашината а погледни ме сега во Бра, на најголемиот фестивал за сирење на планетава, јас, од село Раштак од некогашната Скопска Света Гора…“

Давид е работливо, културно и начитано момче кое инспирацијата уште повеќе ја добива на големите пасишта во Раштак, каде со своите кози го зајакнува чувството на припаѓање, автентичност и она што најмногу му значи- создавање сирење.

Верувам во чуда а не во случајности, се трудам да ги читам знаците што ми ги носат деновите а ова што сега го доживувам е потврда за патот по кој ќе продолжам да чекорам за да ги превземам акциите кои ми жарат во глава, што ми ја зовриваат крвта и оптегнуваат жилите, бидејќи знам што ќе правам за следните 20 години, и во која насока тежнеам.

И сите тие чуда, тежнеења, таа работа што оплеменува но и можноста да се најде на вистинското место, кај луѓе што го препознаат трудот е поврзаноста на Давид со Слоу Фуд Македонија.

Да, голема заслуга за нашиот успех е SlowFood Macedonia. Чест ми е што сум тука со екипата на Слоу Фуд Македонија, претставувајќи ја македонската млечна култура, печат на нашите ливади, наследство кое живее и треба да продолжи да живее. Голема привилегија е да се сретнат и запознаат колеги од целиот свет и да се вкусат сирењата од новните ливади- заврши Давид Неделковски.

OhridNews