Во рамки на одбележувањето на 24-ти мај, Денот на сесловенските просветители денес пред монументалниот споменик на Св. „Кирил и Методиј“ во Охрид се одржи традиционалната програма „По стапките на светите Кирил и Методиј“.

Пред присутните претставници на локалната самоуправа, претставници на политичките партии, претставниците од воспитно образовните и други институции, учениците и родителите, почитувачи на ликот и делото на светите браќа се обрати градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

На ова уникатно место каде што историјата, верата и просветителството со векови оставаат неизбришлива трага, имаме привилегија да одбележиме еден од најсветлите датуми во македонската и словенската историја, празникот посветен на Светите Кирил и Методиј. Со својата присветителска и духовна мисија овие наши апостоли не оставија зад себе само букви, тие ни оставија непроценливо цивилизациско наследство. Тие му дадоа глас на словенскиот народ и можност да учи, да создава и да се препознава себе си преку својот јазик и својата култура. Нивното дело е темел на македонскиот идентитет, но и наша трајна обврска да го чуваме знаењето, да вложуваме во образованието и да ги поддржуваме младите генерации. Денес покажуваме дека Охрид и понатаму живее како центар на писменоста и знаењето, рече Пецаков.

Обраќајќи им се на учениците посочи дека нивните награди не се само лични успеси, туку се гордост за градот, за нивните семејства, но и за сите, додавајќи дека зад секој нивен успех стојат посветеност, труд и верба во сопствените можности.

Беа доделени наградите на учениците од основните и средни училиштата во Охрид кои низ тековната година постигнаа значајни резултатите на натпреварите.

Претходно, свежо цвеќе пред споменикот положија делегација на Општина Охрид предводена од градоначаликот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, делегации од средните и основни училишта во Охрид, делегација од градинката, охридската Библиотека, како и делегации од претставници на политичките партии, институции, организации и поединци почитувачи и продолжувачи на светото кирилометодиево дело.

Во рамки на чествувањата во 12:30 часот ќе биде промовирано и десеттото јубилејно издание на Фестивалот на поезија за деца „Стихувалки“, а вечерта ќе биде заокружена со концерт на учениците од ОМУ „Методи Патче“ и беседа посветена на Светите Кирил и Методиј во црквата „Света Софија“ со почеток во 19:00 часот.

Н.С.Ј.