Во Македонија 60 проценти од жртвите на семејно насилство  се женски лица на возраст меѓу 30 и 64 години, а 80 отсто од нив се невработени со средно или основно образование. Процентот на лицата кои биле жртви на насилство е повисок во руралните средини иако најголем број од насилствата се пријавени во урбаните средини.
Ова го покажуват резултатите од националното истражување на состојбите на семејно насилство во домаќинствата спроведено во рамките на програмата „Зајакнување на националните капацитети за спречување на семејно насилство 2008-2012“ што ја спроведуваат македонските надлежни институции во соработка со УНДП, извршено во март и април годинава врз репрезенативен примерок од 2.100 лица на вораст над 15 години на територијата на цела Република Македонија. Дури 33,7 од анкетираните се изјасниле дека врз нив било извршено некој вид на семејно насилство.
Во истражувањето биле пријавени само 18 случаи на сексуално насилство. Од нив 78 отсто биле на возраст од 30 до 64 години, 67 отсто од руралните средини, 83 отсто невработени, а 67 отсто со основно или помало образование од основно.
Мнозинството од сторителите на насилство (62 отсто) се мажи, но има и жени, особено свекрви и сопруги. Од сторителите 56 отсто се спорузи или сопруги, а 10 отсто отпаѓаат на дуги членови на семејството. Во однос на сексуалното насилство, прашање упатено само до жените, 100 проценти од извршителите се сопрузи или поранешни интимни партнери.  
– Главната цел на ова истражување беше да се добие сеопфатна анализа на семејното насилство вклучително и причините, видовите, инциденцата, преваленцата и зачестеноста со што би се креирале соодветни политики кои се засновани на факти. Се прибраа податоци за бројот на инцидентите на насилство сторени во рамките на специфична демографска група и за процентот на лица кои биле жртви на насилство во одреден временски период, рече министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски на денешната прес-конференција.
Тој посочи дека 91 отсто од испитаниците одговориле дека знаат оти семејното насилство  е кривично дело, а 76 отсто потврдиле дека  се запознати со постоењето на социјални служби за заштита на жртвите. Дури 3/4 од инцидентите не се пријавени кај ниту една од надлежните институции, а само 45 отсто од анкетираните имаат познавање за правните чекори што можат да се преземат, особено за заштита на жртвите и казнување на сторителите.
Министерот посочи дека годинава се бележи за 20 отсто зголемување на бројот на кривичните пријави по основ на семејно насилство во однос на минатата.
OhridNews