Општинските инспектори од вчера ги започнаа најавените контроли на плажите на охридското крајбрежје со цел да се утврди дали концесионерите ги почитуваат одредбите од договорите за закуп на плажите.

Досега извршена е контрола на десет плажи. На три од нив биле утврдени неправилности. На едната прекршувањата биле веднаш отстранети, а за останатите две Локалниот инспекторат дал предлог до надлежните во  Општина Охрид за раскинување на договорите затоа што концесионерите во голема мера го прекршиле потпишаниот договор.

На едната  плажа  просторот  100% се користел за поставување на  урбана опрема, односно лежалки, а не во сооднос 60- 40% како што е предвидено во договорот. За  другата “спорна“  плажа , сопственикот се  уште не ги има подмирено обврските  за закуп кои ги има кон општина Охрид, информира Николче Милески од општинскиот инспекторат .

Контролите на плажите следуваат по неодамнешните укажувања на градоначалникот Никола Бакрачески дека локалната самоуправа ќе има нулта толеранција за  концесионерите на охридските  плажи  кои нема  да ги почитуваат одредбите од договорите за закуп кои ги имаат потпишано со општина Охрид.

Со цел уредни плажи и  задоволни туристи, локалниот инспекторат продолжува со контролите на терен и во текот на наредните денови.    

Т.К.