Според најновите објавени резултати од спроведената теренска анкета на Центарот за истражување и креирање на политики, повеќе од 50% од испитаниците изјавиле дека не им била издадена фискална сметка за разни искористени услуги.

Најретко се издаваат фискални сметки за услуги за одржување на домот (17%), услуги за поправки на домот (21%), изнајмување на имот (30%) и занаетчиски услуги (36%). Од друга страна, најчесто и најредовно (85%) се издаваат фискални сметки за професионалните услуги (сметководство, психолог/психијатар, архитектура/дизајн) и за транспортни услуги (75%). Поголемиот степен на даночна дисциплина кај професионалните и транспортните услуги се должи на поголемиот степен на законска регулираност на тие економски гранки и построга и посеопфатна контрола од страна на одговорните институции (УЈП, Финансиска полиција, инспекторати итн.).

Во однос на издавањето на фискални сметки за разни стоки и добра, околу 13% од испитаниците во минатиот месец не добиле фискална сметка за козметички производи, околу 17% за облека и обувки и околу 11% за храна и разни намирници. Голем процент на испитаници, 20% изјвиле дека не им била издадена фискална сметка при купувањето на цигари и алкохол.

Теренската анкета на Центарот за истражување и креирање на политики (ЦИКП), е спроведена на репрезентативен примерок од 1.097 испитаници на територијата на Република Македонија со цел да ги утврди различните форми на скриени економски активности.

OhridNews