Големи количини најразличен отпад се расфрлани низ националниот парк Галичица, каде секојдневно никнуваат диви депонии. Од градежен шут до апарати за домаќинство и покуќнина ги нагрдуваат најубавите планински предели, а една од многуте диви депонии се наоѓа на само стотина метри од управната зграда на паркот.
Ништо подобра состојбата не е ниту по течението на реките во сливот на Охридското Езеро кои со себе носат тони неразградлив отпад.

Состојбата е алармантна, предупредуваат еколошките и спортските здруженија. Тие имаат проблем да им го објаснат на туристите енормното загадување на животната средина.

Состојбата е загрижувачка и во урбаните средини. Ромската населба во предградието на Струга е затрупана во отпад. Населбата Бејбунар во Охрид, пак, каде има извори со питка вода кои ги користи градскиот водовод е претворена во дива депонија.

Проблемот со отпадот и дивите депонии кај нас се провлекува со години. Еколошката свест е на исклучително ниско ниво, надлежните молчат, одговорност нема, а отсуствуваат и мерки за решавање на овој сериозен проблем, кој освен што претставува закана за животната средина, негативно влијае на имиџот на земјата и развојот на туризмот.
Г. Момироски























