Вредното културно наследство од македонските духовни храмови во периодот од 11 до 14 век е претставено во книгата-календар за 2014 година „Византиска уметност на Балканскиот полуостров“, која е публикувана во Италија од страна на фондацијата Христијанска Русија со седиште во Милано.

-Станува збор за извонредно значаен потфат особено за вредностите на духовните и културни храмови во Македонија. Чинот на публикување на оваа книга е дотолку значаен имајќи го предвид фактот дека нема никакви вложувања ниту ангажмани од македонска страна, а од друга страна се работи за тиражи кои што се извонредно значајни, знаете што значи да се влезе во една Италија и да се презентира се она што е највредно на овие наши простори.-изјави Стојан Савески, публицист и новинар од Охрид.

Савески е дел од интернационалниот тим кој работел на книгата. Текстот во неа е на проф. Д-р Ана Захарова – византолог, а делот за Македонија го подготви Стојан Савески. 

За мене лично како човек кој што учествуваше во тој интернационален тим кој што работеше на оваа книга – календар за 2014 година е особено значајно, бидејќи практично преку вакви ангажмани ги докажуваш своите вредности, своите критериуми, и дали може да ги исполниме своите лични барања во едни вакви потфати.-рече Савески.

Според Савески, книгата – календар сама по себе е извонредно значајна бидејќи ќе ја презентира македонската уметност во Италија, и ќе поттикне слични проекти за афирмација на нашето вредно културно наследство во светот.

Г.М.