Еден не толку стар претседател на една од најмоќните ако не и најмоќната нација во светот, Доналд Трамп, неодамна изјави дека она што ги разликува победниците од губитниците е начинот на кој реагираат на секој нов пресврт на судбината. Токму овие неколку едноставни зборови ми покажаа дека јас и целата моја генерација полуматуранти од ОУ Христо Узунов од Охрид веќе на наши само 15тина година можеме да се чувствуваме како победници во една специфична животна ситуација.

Со гордост можам да кажам дека припаѓам на генерација која чашата секогаш ја гледа како полуполна па дури и во овие моменти кога цел свет се справува со пандемија и секој стравува за сопственото здравје и безбедноста на своите најблиски.

Со учење завршивме уште пред коронота, вредно работевме цели 8 и пол учебни години да ги стекниме основните знаења кои ни се потребни за искачување едно скалило повисоко во животот. Учителките несомнено ќе ги запамтиме како наши втори мајки а пак наставниците ќе ги ставиме во категорија на личности кои високо котираат на нашата животна листа, некоја комбинација на личности кон кои чувствуваш идеолошка стравопочит а сепак блискост рамна на другарство.

Со нетрпение го чекавме последното полугодие од нашето основно образование, правевме планови за екскурзии, најважниот патронен празник, сликање за на табло, подготовка на алманах… како и секојдневното дружење меѓу нас, најголемите во училиштето, форите кои само ние си знаевме што значат, гледање малку од високо кон помалите зошто тие сеуште се нели мали, дебатирање со повозрасните зошто сепак влегуваме во нивниот свет…Се пропадна како кула од карти…

Но генерацијо нели не се откажавме…Дружењето по ходниците го заменивме со дружење по социјалните мрежи…патронатот си го одбележавме на начин на кој ниту една генерација предходно не го има одбележано…од екскурзија и полуматура не се откажуваме па макар тоа било и на некоја наредна генерациска средба…ќе се сликаме и ќе бидиме најубави на таблото… нашиот алманах ќе оди од раце во раце на многу следни генерации…и што е најбитно ќе бидиме запаметени како генерација која успешно и физички и психички се справи со еден пресврт во нормалниот начин на живот.

Затоа генерацијо моја, без разлика кoј каде ќе сме од септември, сигурен сум дека ќе сме успешни презентери на едно училиште кое години наназад со максималната посветеност на целокупниот свој колектив успешно работи на мисијата на создавање на личности со цврст карактер, нешто што некој цел живот го гради, а добар дел од нас токму благодарение на ОУ Христо Узунов, веќе уште сега го има.

Автор: Борче Исакоски, IX одд.ОУ Христо Узунов Охрид