Каналот Студенчишта и покрај своето значење како нераскинлив дел од екосистемот на Охридското Езеро и други вредности поврзани со Билјанините извори, со години е запуштен и неуреден. Наместо туристичка атракција и место за рекреација, каналот и неговата околина се претворени во вистинска депонија.


Поради немање марина, која надлежните ја ветуваат секој изборен циклус, голем број граѓани своите пловни објекти ги оставаат во каналот или на суво покрај рекреативната патека. Некои од нив се одржуваат, но голем дел се оставени на милост и немилост на времето, полни со вода, зарѓани, потонати.


Во каналот има и голем број пловни објекти кои одамна се за старо железо. Некои од нив со децении стојат тука.


Во и околу каналот кајчарите и бродарите вршат разни поправки, градат бродови, ги бојадисуваат, танкираат гориво и што ли уште не. Дел од опасните хемикалии, гориво, како и отпадот често завршуваат и во водата во каналот кој е богат со риба, но и со рибари.


Бројните еколошки инциденти кои се случија досега, како да не се никаква опомена за надлежните, на кои побитно им е да соберат некој политички поен од целата ситуација, отколку што имаат вистинска желба да  го решат проблемот. Деновиве слушаме, а веројатно и ќе се изнаслушаме силни зборови од политичарите, од чии декларативни заложби им преседна и на граѓаните и на рибите. Првите одамна знаат дека кај нас работите не се менуваат или тоа оди многу тешко, па кога нема ред и закон се однесуваат крајно несовесно кон животната средина, а вториве се колатерална штета на таквото однесување, затоа што нели, човекот пред се и над се.


Да биде трагедијата поголема, нашиве политичари често се на службени патувања и посетуваат места кои можеби не се толку природно обдарени како нашите убавини, но се беспрекорно чисти и заштитени. Зошто ниту еден позитивен пример не е пресликан кај нас веројатно имаат безброј оправдувања, иако е повеќе од јасно дека ако воопшто размислуваат, екологијата е последното нешто за што нешто би направиле. Се додека е така ќе бидеме сведоци на помор на риби, не само во природната средина, туку и во институции задолжени да ја чуваат, на небулозни изјави и амнестирање од одговорност и се разбира, без виновници.

Горан Момироски