Македонија е во еуфорија благодарение на машката ракометна репрезентација која во битката со светските велесили ги освои симпатиите  на нацијата. Со должен респект кон дресот кој го носат, френетична пожрвуваност и борбеност, тимски дух и модерна игра, нашите ракометни херои влегоја помеѓу најдобрите 12 репрезентации на светот. Тие ги срушија сите очекувања, но и бариери и комплекси кои редовно ја пратат „малата“ балканска нација. Благодарение на нив ракометот е топ тема не само меѓу спортските зависници, туку и меѓу обичните граѓани, биснисмени…. За ракомет се зборува насекаде, на работните места, на улица. „Напред Македонија“ стана омилен ринг – тон на мобилните телефони, а вестите од блиската ни Хрватска најчитани.

По подолго време македонската нација е горда и со право. Ракометните репрезентативци го остварија најголемиот успех во досегашната историја. Нивната сплотеност и пристап кон играта никого не остави рамнодушен. Нацијата е на адреналинска терапија исполнета со искрени, вистински патриотски чувства. Наспроти реалноста која е таква каква што е, ракометните херои ни покажаа како треба да се бориме за својата земја, за себе за подобро утре. Ни укажаа на  вистинските вредности, полни со самодоверба со која ги срушија ракометните велесили како што е трикратниот светски шампион Русија и актуелниот вицешампион Полска. Но тие не запираат тука. Во преостанатите три натпревари со Норвешка, Данска и Србија, најавуваат нови победи и добра игра. Кој е крајниот лимит на оваа генерација сега во време на еуфорија не може да се претпостави поради неодминливата доза на субјективизам. Можеме ли уште подалеку, до Загреб во борбата за медали, или ќе мора да се задоволиме со натпревар за пласман. Што и да биде тоа ќе биде  херојски успех достоен за почит. Лазаров и другарите ни приредуваат прекрасни моменти. Во тоа име и им се поклонуваме на големите спортисти кои на „малата“ Македонија и донесоа голем успех и ни покажаа дека и ние можеме и знаеме да  победуваме и поголеми од нас.

Напред Македонија!

Г.М.