Народната банка, постапувајќи согласно со Законот за банките, ја укина дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“ АД Скопје. Укинувањето на дозволата се должи на неисполнување на минимални законски услови за работење на банка, изјави гувернерката на Народната банка на Македонија Анита Ангеловска-Бежоска.

Депозитите на граѓаните во „Еуростандард банка“ АД Скопје кои согласно со Законот за Фондот за осигурување на депозити се осигурени ќе бидат обесштетени од Фондот за осигурување на депозити (ФОД), во износ до 30.000 евра по лице. Од ФОД ќе бидат обесштетени депозитите на 99,4% од физичките лица – депоненти во „Еуростандард банка“ АД Скопје.

Исплатата од страна на ФОД ќе започне во рок од 20 дена, согласно со Законот. Вкупниот износ на депозитите на физички лица кои ќе бидат обесштетени изнесува околу 4,4 милијарди денари (со состојба на 31 јули 2020 година). ФОД располага со доволен обем на средства и исплатата на депозитите ќе се спроведе навремено. – истакна Ангеловска-Бежоска.

Учеството на „Еуростандард банка“ АД Скопје во вкупната актива, вкупните депозити и вкупните кредити на банкарскиот систем, со состојба на 30 јуни 2020 година е само 1,3%, 1,7% и 1,6%, соодветно, и со тоа воопшто не ја доведува во прашање стабилноста на банкарскиот систем. Банкарскиот систем е и останува стабилен и добро капитализиран, со висока ликвидност, додаде гувернерката на НБРМ.

Во изминатиот период, заради поголема изложеност на ризици, „Еуростандард банка“ АД Скопје беше под засилен теренски и вонтеренски супервизорски надзор. Народната банка постојано изрекуваше мерки со кои бараше „Еуростандард банка“ АД Скопје да ги отстрани слабостите во своето работење, да ја намали изложеноста на ризици и да ги подобри процесите за управување со ризиците, a особено со кредитниот ризик. Притоа, клучно, беа изрекувани и мерки во насока на зголемување на капиталот на „Еуростандард банка“ АД Скопје. Клучните проблеми на „Еуростандард банка“ АД Скопје се одраз на слабости од минатиот период, а не на тековните состојби, рече Ангеловска Бежоска.

Со супервизорско следење, во 2019 година, кај „Еуростандард банка“ АД Скопје беше утврден недостиг на капитал (поткапитализираност), поради што Народната банка презеде повеќе мерки, a една од клучните мерки беше барање за докапитализација на „Еуростандард банка“ АД Скопје. Преземените обврски за докапитализација за 2019 година беа делумно исполнети, но обврските за потребната докапитализација преземени за првата половина од 2020 година не беа исполнети.

Неисполнувањето на обврските за докапитализација и брзата и повисока материјализација на кредитниот ризик ја намалија стапката на адекватност на капиталот на „Еуростандард банка“ АД Скопје под 2%. Со тоа, согласно со Законот за банките, „Еуростандард банка“ АД Скопје е несолвентна. Поради ова, Народната банка, согласно со Законот за банките, во текот на утрешниот ден – 13 август 2020 година, до надлежниот суд ќе достави предлог за отворање стечајна постапка во „Еуростандард банка“ АД Скопје. – појасни гувернерката Ангеловска Бежоска.

Со отворањето на стечајната постапка, се очекува брза и ефикасна наплата на побарувањата на доверителите на „Еуростандард банка“ АД Скопје, рече Ангеловска Бежоска.

Г.М.