Народниот правобранител ја информира јавноста дека отвори предмет по сопствена иницијатива во врска со информациите од медиумите, како и јавувања од роднини на притворени лица дека во притворското одделение на Затвор „Скопје“-Скопје, се случило инцидент, при што поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски се здобиле со повреди.

Екипи на Народниот правобранител се во Затворот „Скопје“ и темелно ќе го истражат целиот случај, ќе се обезбеди целосната документација, ќе се разговара со лицата кои учествувале во инцидентот, со очевидци на настанот, службени лица, ќе се изврши увид на местото на настанот, а ќе се обезбедат и видео снимки од камерите за надзор.

Исто така,  согласно член 24  став 1 алинеја 3 од Законот за народниот правобранител, ќе бидат повикани на разговор директорот на Управата за извршување на санкциите, директорот на Затворот „Скопје“, и сите други  службени лица кои можат да дадат определени податоци во постапката, со цел објективно утврдување на состојбата во врска со овој настан, по што Народниот правобранител ќе ја информира јавноста за утврдената состојба.

Народниот правобранител очекува надлежните органи да ги преземат сите мерки за расчистување на овој настан и да утврдат дали од страна на припадниците на затворската полиција или другите служби соодветно се реагирало и следствено да  се санкционираат лицата, кои иако имаа обврска да превенираат и спречат насилство, дозволиле  тоа да се случи.

OhridNews