Населението во светот старее, а животниот век се зголемува, оттаму од исклучително значење е да се подобри грижата за менталното здравје, пред се во справување со болестите на третото доба како што е деменцијата, беше истакнато на Светскиот конгрес за деменција, што денеска започна во Охрид. Експертите укажуваат дека до 2050 година процентот на старо население на планетата ќе се зголеми за околу 250 %, а во многу земји тоа ќе биде доминантна популација.

Кога станува збор за деменцијата, од исклучително значење е да се поттикне свеста во општеството за растечкиот проблем. Примарна е соработката помеѓу науката, односно лекарите и самите влади во земјите да ги разберат проблемите што ги носи заболувањето, од превенција на болеста, подобрување на квалитетот на живот на болните и како да се поддржат семејствата и оние што се грижат за нив. – вели Хелен Херен – Претседател на Светската невролошка асоцијација.

Современата медицина изнајде лек за многу болести што го продолжуваат животниот век, но не и за деменцијата, што создава исклучителни проблеми, особено во традиционални општества какво што е македонското, предупредуваат експертите.

Нашите пациенто доаѓаат доцна. Поголемиот број од нив доаѓаат во средно тежок или тежок стадиум на деменција, веројатно заради се’ уште присутниот мит дека заборавањето е дел од нормалното стареење. Често пати велиме па забораваат, стари се, тоа е сосема нормално, не, стареењето е физиолошки процес, а Алцхајмеровата деменција е болест која треба да биде дијагностицирана и лекувана. – изјави Габриела Новотни од Клиника за неврологија.

Се проценува дека во нашата земја денес има околу 20.000 луѓе со Алцхајмерова деменција, од кои само 24% се дијагностицирани, што, како што истакна првата дама, Елизабета Георгиевска Пендаровска, која присуствуваше на отворањето на конгресот, го отвора прашањето на едукација на населнието, но и на лицата кои се грижат за нивното здравје.

Исклучително е важно да се поттикне промоцијата на здерав начин на живот, едукација на персоналот, на луѓето со деменција и оние кои се грижат за нив, меѓутоа и социјалната грижа и реинтеграција на болните и нивните семејства во општеството. – истакна Елизабета Георгиевска Пендаровска.

На Светскиот конгрес за деменција, што се одржува во Охрид во организација на националоната психијатриска асоцијација, учествуваат 350 неволози, психијатри и невропхисијатри од целиот свет, кои ќе ги презентираат најновите медицински и научни достигнувања во борбата против болеста која зема се поголем замав.

Г.М.