Во издание на НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид, деновиве од печат излезе холандскиот превод на книгата „Нашиот холандски пријател А. ден Долард“ од Мишо Јузмески.

Книгата има 140 страници и содржи околу педесет илустрации кои го отсликуваат холандскиот писател и времето во кое живеел и творел.  За преводот се погрижи Холанѓанецот Херард Пулвејк.

Во рамките на активностите за разјаснување на животот и делото на холандскиот вљубеник во Македонија, која неколку години ја спроведува охридскиот културен деец Јузмески, покрај оригиналното издание на македонски јазик досега беше објавен и англискиот превод на книгата „Нашиот холандски пријател А. ден Долард“.

Меѓувремено во средствата за масовно информирање, дополнително беа објавени неколку статии за книжевното дело и значењето на А. ден Долард, а во рамките на КИЦ „Култура 365“ во Охрид е поставена постојаната изложба на книги и документи кои зборуваат за животот и делото на холандскиот пријател на Македонија.

Со објавувањето на холандското издание на книгата е заокружен првиот дел од циклусот активности со кои се промовира улогата на холандскиот писател и новинар А. ден Долард, за кого со сигурност може да се каже дека бил првиот голем промотор на Македонија во неговата земја.

Инаку, книгата може да се набави во КИЦ „Култура 365“ во Охрид.

OhridNews