Државата ќе подигне кредит со кој ќе се сервисираат долговите на општините, кои ќе бидат обврзани понатаму долгорочно да ги вратат дадените средства на банките, но со поволна, значително помала камата од сегашната. Со тие пари општините треба целосно да се раздолжат, најави премиерот Зоран Заев, на примопредавањето на софтверскиот систем е-Градежно земјиште, кое Министерството за транспорт и врски и го пренесе на Заедницата на единиците на локалните самоуправи (ЗЕЛС), која понатаму ќе го проследи до општините во Република Македонија. 

Заев истакна дека владата во моментов работи на прибирање понуди од банките за кредитот за општините. На огласот може да конкурираат странски и домашни банки, самостојно или како конзорциум.

Ги чекаме понудите на банките. За нас е многу важно да добиеме што е можно пониски каматни стапки и да добиеме можност по пат на преговарање за исплата на сите тие долгови кои општините ги имаат спрема добавувачите, да добиеме подобри услови. Јас, се надевам дека во многу брзо време ќе можеме да соопштиме конечно која е одлуката. Одлуката за тоа државата да подигне кредит е веќе донесена, за да го пренесе на општините, да ги исплатат своите обврски спрема добавувачите, некаде околу 120 милиони евра. А, самиот кредит ќе го враќаат општините на подолг период, некаде на 15 или 20 години, со пониски каматни стапки. Очекуваме два, два и пол посто каматни стапки, кои што за сметка на денешните 13 посто кои што ги плаќаат како затезни камати општините за сите долгови кои што се доспеани. Ние веруваме дека на тој начин ќе ги растеретиме општините, ќе им дадеме еден ветер во грб, за нивното напредување во иднина. Исто така, овие пари одат кај домашните компании на кои што им должат општините, па истовремено сме свесни дека парите ќе се искористат за нови инвестиции во РМ. – изјави премиерот Заев.

Меѓу најзадолжените општини во државата е Охрид. Иако официјално никогаш не е соопштен, се проценува дека долгот на општина Охрид, изнесува помеѓу 20 и 50 милиони евра и е највисок во земјата. Поради долгот и блокираната сметка, со години отежнато е работењето на општината.

Инаку, софтверскиот систем е-Градежно земјиште, кој Министерството за транспорт и врски денеска и го предаде на Заедницата на единиците на локалните самоуправи (ЗЕЛС), има за цел да им овозможи на граѓаните да ја спроведат целата постапка по поднесени барања за отуѓување, за давање на долготраен и краткотраен закуп, за давање на право на трајно користење, за пренесување на право на сопственост и засновање на право на стварна службеност на градежно земјиште во сопственост на Република Македонија. 

Со програмата е-Градежно земјиште, во период од неколку месеци се очекува да има забрзување на сите постапки и да се воспостави висок степен на прецизност и дисциплина во однос на роковите за постапување по овие прашања. 

Заев истакна дека овој сервис во рацете на општините е уште еден чекор од децентрализацијата, односно од пренесувањето на правата и обврските од централната на локалната власт. 

-Пренесувањето на надлежностите кон локалните самоуправи овозможува додемократизација на Република Македонија. Убедени сме, дека преку еден ваков механизам, со пренесувањето на софтверот за управување со градежното земјиште, општините ќе бидат многу помоќни, ќе бидат многу посилни, пофлексибилни, попосветени, да им излезат во пресрет на барањата на граѓаните или на компаниите. Ова, треба да значи охрабрување за сите инвеститори во Република Македонија, дека постапките кои ќе ги водат како први чекори за идни градби ќе бидат решени на локално ниво. – истакна премиерот Заев во своето обраќање. 

Претседателот на Владата нагласи дека процесите за целосна децентрализација се од значење и за севкупниот развој на Република Македонија. 

-Ги разгледуваме и новите институционални можности за децентрализирање, да пренесеме нови надлежности и да ги зајакнеме финансиските капацитети на општините. – потенцираше премиерот Заев во обраќањето по повод примопредавањето на софтверскиот систем е-Градежно земјиште од Министерството за транспорт и врски на Заедницата на едниците на локалните самоуправи, и додаде дека пренесувањето на надележостите од централна кон локалните власти ќе создаде услови за уште поодговорно работење на општините во интерес на граѓаните. 

Г.М.