Наставници од основното училиште „Григор Прличев”, предводени од директорката Силвија Мојсовска беа во посета на ОУ „Песница” во градот Марибор, Република Словенија. Целта на оваа средба по иницијатива на училиштето од Марибор, е соработка со училиштето од Охрид и две од Белград и од Крушевац.
Во рамките на оваа едукативна посета , наставниците имаа можност да ги согледаат сличностите и разликите во воспитно- образовните процеси на двете земји. Преку директна посета на часовите организирани од тамошниот наставно-стручен кадар, нашите наставници разменуваа идеи и разговараа за искуствата кои словенечките наставници ги стекнале при посета на училишта во Финска, Португалија и Јужна Кореја, а со цел имплементирање на истите во нивната секојдневна настава.
Она што доминира во словенечкиот образовен систем е умешноста на учениците да го развијат критичкиот став кон она што го учат. Преку најнови наставни техники и методи и со користење на современи наставни помагала, тие сами доаѓаат до суштината на индуктивното мислење наспроти фронталната настава. Оваа посета е почеток на низата средби и соработки помеѓу овие училишта кои ќе се остваруваат и во иднина.
OhridNews














