Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми денеска од Собранието на Република Македонија изјави дека СОНК не ги информирал своите членови-наставници, родителите и учениците за нивните права за време на штрајк.

-Во период на штрајк и кога се работи за нови барања врз основа на колективниот договор член 54 алинеја 2, работодавачот е обврзан да исплаќа само придонеси за наставниците кои што се на штрајк. Наставниците не се информирани дека за овој период нема да добијат цела плата од страна на МОН односно од општините. Исто така не се информирани и тие кои не се членови на синдикатот, но се солидаризираат дека нема да можат да добијат разлика во плата. Учениците не се добро информирани и се злоупотребени во некои случаи особено со екстерното тестирање затоа што не им е дозволено да влезат на екстерно тестирање и за жал ова ќе има последици за самите ученици и за нивните семејства. МОН ги разгледува сите можности учениците да немаат последици од злоупотребата од страна на некои наставници и СОНК и ќе им дадеме дополнителна можност за екстерно тестирање, рече Адеми.   

Во однос на екстерното тестирање, министерот дека тоа е законска обврска за сите ученици во основните и средни училишта и оти во овој период се спроведува екстерното тестирање за завршните години.

-Требаше да полагаат 20.567 матуранти на ова екстерно тестирање во изминатуте три дена. Процесот во некои училишта е завршен, а во некои треба денеска да заврши, а во некои делумно е остварен. По завршувањето на овој процес ќе излеземе со конечен извештај и ќе се одлучи за оние што не го полагаа екстерното тестирање, изјави Адеми.

Министерството за образование и наука нема да ја пролонгира импелемнтацијата на измените и дополнувањата на Законот за високо образование и на Законот за факултети за едукација на воспитно образовен кадар, изјави министерот Адеми.

OhridNews

Извор: МИА