НАТО денес прославува 63 години од своето формирање, но поради кочницата од нашиот јужен сосед Грција, Република Македонија сеуште не може да стане дел од оваа моќна меѓународна безбедносна организација. Владиниот врв очекува дека вратата Североатланската алијанса сепак ќе ни биде отворена на НАТО-самиот кој ќе одржува на 20 и 21 мај, годинава во Чикаго.

Претседателот на Република Македонија, Горѓе Иванов смета дека  земјите членки на алијансата треба да ја преиспитаат својата одлука за членството на Македонија во НАТО од Букурешт,  поради пресудата која ја добивме во Хаг.

– Исправноста на нашето одговорно однесување беше само потврдена од пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Пресуда што нуди нова правна димензија и бара нов пристап од сите земји членки на НАТО, истакна Иванов на отворањето на министерската конференција на САД-Јадранската група која минатата седмица се одржуваше во Скопје.

Инаку деновиве 54 конгресмени од редовите и на демократите и на републиканците во САД испратија писмо до претседателот Барак Обама во кое бараат од неговата администрација да осигура дека НАТО конечно ќе и ја понуди на Република Македонија залужената формална покана да и се приклучи на Алијансата на Самитот во Чикаго кој ќе се одржи наредниот месец, соопшти вчера Обединетата македонска дијаспора.

– Педесет и четирите потписи претставуваат најголема поддршка досега од Конгресот за македонските аспирации за членство во НАТО што е трипати повеќе во однос на Самитот во Лисабон. Ова не е само писмо, туку и симбол на растечката поддршка од САД за Македонија и на фрустрацијата поради статус-кво ситуацијата, изјави Методија Коловски, претседателот на организацијата на македонските иселеници во САД.

Според историските факти, НАТО е меѓународна безбедносна организација која била создадена со потпишувањето на североатланскиот договор на 4 април, 1949 година. Седиштето на НАТО се наоѓа во Брисел, Белгија. Оваа организација претставува систем за колективна одбрана со кој нејзините држави членки се обврзуваат за заедничка одбрана како одговор за напад од надворешни лица.

Со паѓањето на Берлинскиот ѕид во 1989 година, главната цел на алијансата станала придобивање на земјите кои претходно се наоѓале под влијание на т.н. Источен блог, односно поранешните членки на Варшавскиот договор. Ова пред се сè однесува на земјите од Балканскиот полуостров, кое доведе до проширување на алијансата во 2004 година (Бугарија, Романија) и 2009 година (Хрватска и Албанија).

Во 2009 година и Република Македонија требаше да пристапи кон алијансата, но поради недоразбирањата со името, Грција го блокираше пристапот на Букурешкиот самит.

OhridNews