Со богата културна и свечена програма Општина Охрид oддава почит на делото и значењето на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј чии просветителски вредности оставиле траен белег во словенската култура и духовност.

Утре на Денот на просветителите, 24 мај, ќе се одржи традиционалната програма „По стапките на светите Кирил и Методиј“, во рами на која ќе биде положено свежо цвеќе пред споменикот на светите браќа и ќе бидат доделени награди за најдобри ученици од основните и средните училишта кои постигнале значајни резултати на регионални и државни натпревари. Во 11 часот ќе се одржат Панихида и свечена приредба во Домот на култура „Свети Кирил и Методиј“.
Во рамки на чествувањата во 12:30 часот ќе биде промовирано и десеттото јубилејно издание на Фестивалот на поезија за деца „Стихувалки“, а вечерта ќе биде заокружена со концерт на учениците од ОМУ „Методи Патче“ и беседа посветена на Светите Кирил и Методиј во црквата „Света Софија“ со почеток во 19:00 часот.
OhridNews













