Реализацијата на проектот на ЕЛЕМ за изградба на миниакумулација “Луково поле” која предвидува  прифаќање на дел од реката Радика и преку Мавровското езеро нејзино прелевање во реката Вардар, според екологистот Лазо Наумоски може да има далекусежни последици врз Охридското Езеро и неговиот слив.

– Во пределот на дримското сливно подрачје изградени се хидроцентралите “Глобочица” и “Шпиље”. Нивното снабдување со вода претежно се одвива преку реките Црн Дрим и Радика. Намалувањето на издашноста на водата преку реката Радика мора да биде на сметка на зголемување на издашноста на реката Црн Дрим. Зголемувањето на истекот на водата од Охридското езеро преку Црн Дрим поголемо од 22 метри кубни во секунда, постои огромна можност да се соочиме со огромни еколошки последици за езерската фауна, односно охридската ендемична пастрмка, потенцира Наумоски.

Тој додава дека тоа би придонело нивото на Охридското езеро драстично да почне да опаѓа, а нормалната кота од 693,80 да оди во надолна линија.

– Охридската пастрмка како ендемична риба најмногу реагира на промените на нивото на водата на Охридското езеро посебно ако оди во надолна линија. Вознемирена и возбудена, неопходна и е вода која е богата со кислород, а на македонскиот дел од езерото се располага со 17 сливни води (реки, извори и други подземни води), а во албанскиот дел 23. Бидејќи албанскиот дел од езерото е побогат со кислород, вознемирената пастрмка се движи во спротивен правец од течението на водата од езерото, односно преминува во албанскиот дел каде станува жртва на легалниот излов во Р. Албанија. Неповратно засекогаш ги губиме големите риби матици од охридската пастрмка која со вештачкиот и природниот мрест би дала квалитетна икра за добивање на рибен подмладок кој сигурно многу би преживеал во водите на Охридското езеро. Со ова само ќе се усложни процесот на стабилизација со охридска пастрмка во охридско-струшкиот дел од езерото, вели Наумоски.

За да не дојде до ваков голем проблем во заштитата и сочувањето на салмонидната езерска фауна од Охирдското езеро, Наумоски смета дека неминовно е да се преземат зафати во дримското сливно подрачје, меѓу кои и да се створат услови за покачување на водната кота од Дебарското езеро,  реката Стеска што поскоро да се пренасочи во нејзиното старо корито.

Како што додава Наумоски, целта е дополнително да не се оптеретува Охридското езеро за поголема издашност на вода преку Црн Дрим на истекот од Струга.

OhridNews