
Навивачите на скопски Вардар, со години се во пријателски односи со навивачите на клубот од Гелзенкирхен.
Викендов во германската Бундеслига се игра локалното дерби меѓу Шалке и Борусија Дортмунд во Гелзенкирхен, па се претпоставува дека македонските фанови пристигнале да му дадат поддршка на Шалке во големото дерби.
Ривалитетот меѓу двата клуба и двете навивачки групи е огромен, а неретко се случуваат инциденти пред, за време и по натпреварите.
Според информации на полицијата, групата македонски навивачи била пречекана од своите домаќини на аеродромот Дормунд-Викеде нешто по 21 часот.
Веднаш по излегувањето од аеродромската зграда, навивачката група на Шалке се соочила со ривалска група на навивачи на Борусија Дортмунд. Дошло до жестоки судири и масовна тепачка во која учествувале околу 120 навивачи од двете страни, пренесе Дојче Веле.
Хулиганите фрлале и со камења, а малубројната аеродромска полиција не можела да го спречи инцидентот. По интервенција на полициски сили од градот Дортмунд, кои употребиле и солзавец, состојбата се смирила.
Од полицијата во Дортмунд утрово за ДВ изјавија дека во инцидентот немало повредени, ниту уапсени, но според билтенот предизвикана е материјална штета врз неколку возила на паркингот на аеродромот во Дортмунд.
Меѓу вмешаните во инцидентот, најголемиот дел биле од Македонија и од Гелзенкирхен.
извор:„Макфакс“










