Европската клупска кошарка би можела да биде пред една од најголемите промени во својата историја. НБА разгледува можност за преземање удел во Евролигата, а евентуалната понуда би можела да биде една од главните теми на состанокот на сопствениците на клубовите-акционери закажан за 5 октомври во Италија.
Италијанскиот спортски весник „La Gazzetta dello Sport“ објави дека состанокот ќе се одржи во Villa d’Este во Чернобио, на езерото Комо, во организација на Олимпија Милано. Станува збор за состанок на сопствениците кој, според весникот, ретко се одржува и е резервиран за прашања што можат суштински да ја променат стратегијата на европската кошарка.
Според „Gazzetta“, на маса би можела да се најде понуда од НБА за преземање на Евролигата, која потенцијално би пристигнала по состанокот на Board of Governors на најсилната кошаркарска лига во светот. Алтернативата за Евролигата е да продолжи со сопствениот план за проширување на натпреварувањето и преминување кон систем на франшизи.
Шпански „AS“ исто така пишува дека НБА ја разгледува можноста за купување на Евролигата. Според весникот, тоа би претставувало радикален пресврт во односите меѓу двете страни, кои досега разговараа за можностите за соработка во контекст на проектот NBA Europe. „AS“ посочува дека Евролигата паралелно работи на сопствената трансформација и планира проширување на 24 екипи во сезоната 2027/28.
Дополнителна тежина на информацијата ѝ дава француски „L’Équipe“, кој, повикувајќи се на сопствен европски извор, објави дека сопствениците на 13-те клубови акционери на Евролигата на 5 октомври би требало да разгледуваат две можни насоки. Првата е НБА да купи удел во натпреварувањето и проектот NBA Europe да се развива преку постојната Евролига. Втората е европското натпреварување да продолжи самостојно и практично да влезе во директна конкуренција со новата лига што ја подготвуваат НБА и ФИБА. Деталите за евентуалната понуда засега не се познати.
Информацијата ја пренесоа и американски медиуми. „Yahoo Sports/HoopsHype“, повикувајќи се на „Gazzetta“ и „L’Équipe“, исто така наведува дека една од опциите е НБА да преземе удел во Евролигата, со што NBA Europe би се градел врз постојната европска структура.
Евролигата, сепак, веќе подготвува сопствен одговор на влегувањето на НБА на европскиот пазар. Планот предвидува проширување од 20 на 24 клуба од сезоната 2027/28 и трансформација на клубовите-акционери во постојани франшизи.
Проектот NBA Europe, пак, според досега објавените планови, треба да стартува во октомври 2027 година. Претседателот на ФИБА Европа, Хорхе Гарбахоса, претходно за „AS“ изјави дека временската рамка за стартување на проектот останува октомври 2027 година – со или без договор со Евролигата.
Засега ниту НБА ниту Евролигата официјално немаат соопштено дека е доставена формална понуда за преземање. Оттаму, состанокот на 5 октомври би можел да биде клучен за иднината на елитната европска клупска кошарка – дали НБА и Евролигата ќе ги спојат интересите или од 2027 година ќе станат директни конкуренти.
OhridNews











