Летото 2026 година со голема веројатност ќе биде уште едно во низата натпросечно топли лета, но и посушни од многугодишните просечни вредности, покажува прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) изработена врз основа на анализи од Европскиот центар за среднорочна прогноза на времето (ECMWF) во Рединг, Виртуелниот центар за климатски промени за Југоисточна Европа (SEEVCCC), Климатскиот форум за Медитеранот, како и други светски прогностички центри.
Според анализите, во текот на летото 2026 се очекува температурите да достигнат натпросечна вредности на глобално ниво, а не само во југоисточниот дел на Европа. Надминувањето на температурите може да достигне и до 3°C речиси на целата територија на Македонија. Најголемото позитивно отстапување на температурата на воздухот од повеќегодишниот просек за оваа сезона се очекува да биде во месец јули, соопшти УХМР.
За претстојното лето, се очекува вкупните сезонски врнежи генерално да бидат пониски од повеќегодишниот просек во повеќето делови од земјата, со умерена веројатност за исполнување на прогнозата. Нерамномерната распределба на врнежите и просторно и временски е главен проблем во летната сезона.
Во јуни се очекува вкупната месечна количина на дожд да биде околу просекот, а позначаен дефицит на врнежи во споредба со месечниот просек, се очекува во август.
Земајќи ги предвид досегашните анализи, климатските промени дополнително го засилуваат влијанието на условите на Ел Нињо, со што се зголемува веројатноста за појава на екстремни временски настани како топлотни бранови, суши и пожари. Од друга страна, долготрајните периоди без врнежи создаваат услови за појава на екстремни поројни дождови и поплави, што ја нагласува комплексноста и непредвидливоста на климатските ризици, се наведува во анализата.
Многугодишниот просек (1991-2020) за температурите на воздухот во летната сезона изнесува околу 16°C во планинските предели до 26.1°C измерени во Гевгелија. Просечните врнежи во летниот период најмногу достигнуваат во источниот дел, околу 170 mm.
Многугодишниот просек (1991-2020) на температурата на воздухот во Скопје за јуни, јули и август изнесува 22.2°C, 24.7° и 24.6° C, соодветно.
Многугодишната (1991-2020) просечна количина на врнежи во Скопје за јуни, јули и август изнесува 47.6mm, 34.1 mm и 37.4mm, соодветно.
Во престојната летна сезона секако постои веројатност да се јават периоди со исклучително топло и сушно време, како и веројатност за изразени негативни отстапувања од вообичаените средни вредности на температурата, но и влажни продори. Повремено може да доминираат субсезонски варијации, кои не се предвидливи долго време однапред, па затоа се препорачуваат редовно следење информациите на подеталните краткорочни прогнози, кои редовно и вонредно ги издава Управата за хидрометеоролошки работи, како и за раната најава на екстремни временски настани, велат од УХМР.
Што се однесува до актуелните временски состојби, денеска ќе преовладува сончево и топло време со мала до умерена облачност. Во попладневните часови наместа ќе има услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура во Охрид ќе достигне 28 степени.
Г.М.












