Најголемиот холандски туроператор „ТУИ“ за претстојната туристичка сезозна значително го зголеми бројот на резервации во сместувачките капацитети на охридската ривиера.

– Оваа година имаме зголемување на бројот на гости кои ќе одмараат во Охрид за 12-13 проценти. Почнувајќи од мај, па се до октомври „ТУИ“ ќе реализира 6 чартери неделно до Охрид, со кои летово ќе се превезат во Македонија 16.000 туристи. – изјави Жак Крајнен,  продукт менаџер на „ТУИ“ задолжен за Македонија.

Оптимизам дека претсојната сезона ќе биде поуспешна од претходната има и кај туристичките работници во градот. 

-Очекувањата се дека оваа година ќе имаме 18-20 проценти повеќе гости на ривиерата. Минатата година во ниска сезона имавме по 4 авиони неделно, а оваа година во ниска сезона ќе имаме пет, а во висока шест авиони во текот на неделата ќе слетуваат оа охридскиот аеродром.- вели Челик Асим од ТА „Охрид Холидејс“ – претставници на „ТУИ“. 

И анализите на Факултетот за туризам во Охрид говорат дека претстојната туристичка сезона ќе биде успешна. 

-Според истражувањата и моделите што ги направивме за оваа година очекуваме зголемување на бројот на странски гости од 12 проценти и зголемување на бројот на домашните за околу 3,5 проценти. Најмногу туристите во Охрид ги привлекуваат културното наследство и гастрономските производи, па следат природното богатство и другите атрактивности. – изјави Цветко Андреески, декан на ФТУ Охрид.

За трендовите во туризмот, вчера во Охрид дебатираа менаџментот на туроператорот „ТУИ“, претставници на сместувачки капацитети, агенции и други туристички чинители во градот.


Oптимизам кај туристичките работници за претстојната сезона

Г.М.