Водата за пиење од селските водоводи на дел од селата и туристички населби во охридскиот регион не ги исполнуваат критериумите за безбедност за пиење односно употреба во домаќинствата. Последните испитувања спроведени од Центарот за јавно здравје во Охрид покажаа дека водата од системите за водоснабдување во селата Велестово, Елшани, Мешеишта, Климештани, Требеништа и Свињишта не е соодветно третирана со дезинфекциско средство и согласно тоа не е безбедна за употреба.
Лидија Симоновска, специјалист по хигиена со здравствена екологија од Центарот за јавно здравје во Охрид појасни дека водата од односните селски водоводи не е микробиолошки загадена, но поради тоа што не е соодветно хемиски третирана истата не ги исполнува одредбите од Правилникот за безбедност на вода. Односниот Правилник налага дека водата не смее да се употребува за пиење, одржување лична хигиена како и хигиена на раце, се додека истата не се третира со хлорен препарат (дезинфекциско срество) или да се преврива 45-50 минути.

Со слични проблеми се соочуваат повеќето населени места од охридскиот и дебрчкиот регион што имаат сопствени водоводни системи. Некои од проблемите се поради небрежност, несоодветно третирање на водата од системите со препарати, честопати во комбинација со неслогата на самите жители кои се со спротивставени ставови околу тоа дали некој друг треба да стопанисува со нивниот водовод.
Најчесто корисниците поврзани на селските водоводи се должни истите да ги одржуваат, што не секогаш се прави навремено и на правилен начин што доведува до хемиска неисправност на водата.

Директорот на охридски „Водовод“ Светозар Стефановиќ појасни дека системите за водоснабдување во посочените, но и во повеќе други селски населби не се под нивна ингеренција, така што останува на самите жители да изнајдат начини како да обезбедат квалитетна и безбедна вода.
Со тие водоводни системи не стопанисуваме и нe можеме да интервенираме. Немаме извршено ниту соодветна техничка анализа на системите за да се утврди дали воопшто истата може да биде дел од градскиот водовод, изјави Стефановиќ.
Тој истакна дека и да постои согласност од населението, но и од Општина Охрид, мошне важно прашање за евентуално преземање на системите е каков е дотурот на вода, од каде тие системи ја обезбедуваат водата, на каков начин се изведени каптажите, издашноста на изворите, нивната постојаност преку текот на годината…
Во случајот на Велество ние воопшто немаме увид во каква кондиција е издашноста на каптираните извори и техничката состојба на водоводната мрежа во селото, рече Стефановиќ.

Дијаметрално спротивен на случаите кога не постои едногласност кај населението од одредено село да го даде сопствениот водовод на стопанисување е примерот со селото Куратица. Сите жители преку Месната заедница побараа од Општина Охрид со нивниот водовод да стопанисува ЈП, но тоа се уште не е реализирано. Голема улога во епилогот зошто е тоа се уште така е поради недоследностите во законите што ја уредуваат проблематиката.

Жителите на Куратица пак од своја страна се повикуваат на Законот за стопанисување со води и комунални дејности според кој Општината под која спаѓа населеното место е должна да обезбеди безбедна вода за пиење односно со нивниот систем да стопанисува соодветен правен субјект – овластени лиценцирани претпријатија односно фирми.
Ние имаме проблем со одржување на хемиско-биолошка чистота на водата, испратвме барање до Советот, до Општината, до Градоначалникот и до ЈП „Водовод“ да ги утврдиме условите под кои градското јавно претпријатие би го одржувало системот, се разбира со соодветна соодветна наплата на услугите. Градскиот Совет на седница одржана во декември минатата година задолжи да се формира Комисија што ќе утврди во каква состојба се наоѓа изградениот месен водовод во Куратица. Досега такво нешто нешто не се случило, изјави Горан Мицкоски од Месната заедница Куратица.

Ние доколку би имале право како субјект да стопанисуваме со нашиот водовод, би изнашле овластена компанија што би го опслужувала и одржувала системот за соодветен надомест. Побаравме да ни биде делегирано тоа право, но тоа постоечката легислатива не го дозволува, вели Мицкоски.
Проблемот со квалитетот на водата од т.н. селски водоводи е особено силно изразен кога поради осцилациите на дотоците на вода наметнати од хидролошката состојба доведува до неисправност на водата од системите и забрана за користење во домаќинствата.
OhridNews
Извор: Миа/Aлександар Бачиќ











