Во Охрид, Струга, Дебрца и Вевчани во третото тримесечје од 2026 година се родени вкупно 211 деца, додека во истиот период починале 309 лица, со што регионот бележи негативен природен прираст од 98 жители.

Најновите статистички податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека и покрај порастот на бројот на склучени бракови во Охрид и Струга во однос на истиот период лани, негативниот демографски тренд продолжува како на локално, така и на ниво на целата држава.

Демографска слика во регионот: Негативен природен прираст во сите четири општини

Во периодот јули – септември 2026 година, во Општина Охрид на свет дошле 96 бебиња, додека починале 159 лица, со што природниот прираст е негативен и изнесува -63. Слична е состојбата и во Струга, каде се родени 110 деца, а починале 130 лица, што резултира со минус од 20 жители.

​Негативен природен прираст од -13 е евидентиран и во Општина Дебрца, каде во третиот квартал се родиле само 3 бебиња, а починале 16 лица. Во Вевчани, пак, регистрирани се 2 новороденчиња и 4 починати лица, со што природниот прираст изнесува -2. ​

Во Струга најмногу склучени бракови, во Дебрца ниту еден

Во истото тримесечје, во Охрид се склучени 140 бракови, а во Струга 151. Во Вевчани судбоносното „да“ го кажале 2 пара, додека во Дебрца не е регистриран ниту еден склучен брак.

Статистиката бележи и 13 разведени бракови во Охрид, односно 14 во Струга. ​

Годишна паралела: Лани помалку свадби, но поблаг демографски пад ​

Податоците покажуваат дека демографската слика била негативна и во третото тримесечје од 2025 година, но годинава минусот во Охрид и Струга е дополнително продлабочен. ​

Во Охрид лани се родиле 98 деца, а починале 154 лица (природен прираст -56). Во однос на браковите, годинава има 12 склучени бракови повеќе (лани биле 128), а бројот на разводи е намален од 21 на 13. ​

Во Струга во третиот квартал од 2025 година имало 122 родени и 124 починати лица (природен прираст -2). Бројот на склучени бракови лани изнесувал 138, а разведени биле 15 пара. ​

Во Дебрца лани се родиле 4 бебиња, а починале 20 лица (природен прираст -16), додека во Вевчани имало 2 родени и 5 починати лица (природен прираст -3), како и 4 склучени бракови.

​Национален пресек: Државата во минус од 647 жители

​Трендот на намалување на населението продолжува и на национално ниво. Во третото тримесечје од 2026 година во државата се регистрирани 4.160 живородени деца, што претставува намалување од 4,8 проценти во споредба со истиот период од 2025 година. ​

Истовремено, бројот на умрени лица бележи минимален пораст од 0,1 процент и изнесува 4.807 лица, меѓу кои и 19 доенчиња. Со тоа, природниот прираст на ниво на држава е негативен и изнесува -647 лица.

Во овој период во земјава се склучени 3.524 бракови (зголемување за 0,5 проценти во однос на лани), а евидентирани се вкупно 397 разводи.

Н.С.Ј.

извор. ДЗС