Сè уште е неизвесно дали и оваа туристичка сезона плажите ќе останат неуредени како и минатата година, односно дали ќе се издаваат под концесија рече градоначалникот Кирил Пецаков одговарајќи на советничко прашање.
Минатата туристичка сезона ја оставија со неуредени плажи, што за мене е сосема нелогично, а од друга страна решение не ни е понудено, ниту ден денешен некого го интересира од засегнатите страни на централната власт, рече Пецаков.
До февруари имавме три средби јас лично и од Секторот за урбанизам со Агенција за просторно планирање и со Министерството за транспорт и врски. Агенцијата за просторно планирање го изработува Планот за управување со Охридското крајбрежје и тие треба да одредат на кој дел, каде ќе има уредување на плажите. Побаравме како Општина, бидејќи се доцни да ги изработиме проектите за уредување на плажите во склоп со Планот за управување и потоа да се пристапи кон давање под концесија односно издавање на локациите под точно определени услови. Имаме од Секторот за урбанизам повторно доставено писмо до претставник на Владата и чекаме одговор за плажите, рече Пецаков.
Потенцираше дека незаинтересираноста од страна на државата со уредувањето на плажите во Охрид во најмала рака е недолично и вели има дирекно влијание врз туризмот во Охрид.
Ви гарантирам дека ако и ова лето останеме без уредени плажи таму каде што е можно, ние наредната година ќе ги изгубиме туристите кои нормално ќе одат на плажи кои се во непосредна близина. УНЕСКО како забелешка и еден од најголемите проблеми го имаше околу поставувањето на платформите во езерото, но тоа е нешто што се решава. Пред нас претстои уште многу краток период во кој можеме нешто да направиме. Динамиката и иницијативата од страна на Општина Охрид ќе биде зголемена во наредниот период кон Владата и во моментот кога ќе имам дирекно одговор дека не се расположени и ова лето за уредување на плажите ќе излезам јавно и ќе кажам каква е состојбата со плажите и зошто е дојдено до оваа ситуација, рече Пецаков.
Нашата иницијатива постои како локална самоуправа и од секторите рече Пецаков додавајќи дека ги бараат да им се посочат тие локации коишто може да бидат уредени.
Инаку, во ноември минатата година градоначалникот најави враќање на плажите под концесија.
Побарано е плажите да бидат вметнати во урбанистичкиот план за да можат да се издадат повторно. Проектите да пристигнат побрзо за да можеме до април да организираме јавно наддавање за издавање на плажите, за да бидат подготвени во текот на летото. Значи, првично ќе пробаме урбанистички да ги решиме, да ги вметнеме во опфатите и на јавно наддавање да ги издадеме под концесија повторно, рече тогаш Пецаков.
Беше најавено дека проектите за плажите предвидуваат изградба на објекти од природни материјали, 50 проценти од просторот ќе биде за слободно користење, а 50 отсто за поставување на урбана опрема.
Н.С.Ј.













