Денеска во СЦ „Борис Трајковски“ се одржа официјалната прес-конференција во пресрет на Купот на Македонија кој од четврток до недела ќе се игра во нашата најголема арена.

Претседателот на Торус СЦБТ, Војо Петров, кој е организатор на завршниот кошаркарски турнир, најнапред се обрати на бројните присутни медиуми и претставниците од клубовите во врска со договорените техникалии за организација на натпреварувањето. Откако трофејот од ланската година, како што е традиција, официјално му беше врачен на тренерот на КК Работнички, Марјан Лазовски, претставниците од клубовите ги искажаа своите очекувања и своите желби за претстојните натпревари. Седумте тренери (единствено отсуствуваше претставникот на КК Кожув), сложни во изјавите дека посакуваат, веруваат и се надеваат на „вистински кошаркарски спектакл“, накратко ги презентираа амбициите.


Марјан Лазовски, тренер на КК Работнички:

„Трофејот моментално е во наша сопственост и сигурно нема лесно да го дадеме. Без оглед на ситуацијата во која се наоѓа Работнички, ние сме максимално мотивирани и веруваме во успех. Сите осум екипи се навистина сериозни и знаеме дека ќе биде тешко. Имаме чест да го отвориме овој турнир со дуелот против домаќинот Торус СЦБТ. Наше е да дадеме се од себе и да се бориме до самиот крај“.


Марјан Србиновски, тренер на Торус СЦБТ:

„Сите екипи добро се познаваме и верувам во квалитетни и изедначени натпревари. Работнички има 5-6 добри играчи, но ние имаме подолга клупа и тоа треба да го искористиме. Ако ја реализираме онаа замисла за брза и подвижна игра, можеме да дојдеме до триумф. Во секој случај, сигурен сум дека ќе биде квалитетен и изедначен натпревар“.


Александар Тодоров, тренер на МЗТ Скопје Аеродром:

„Сведоци сме на една од најдобрите сезони во последните години и тоа дава дополнително значење и важност на овие натпревари. Нашите амбиции се познати, но нема да избрзуваме, одиме од натпревар во натпревар. Сега сме фокусирани само на Вардар. Очекувам овој турнир да биде навистина квалитетен и на некој начин да претставува одлична увертира за плејофот“.


Борче Даскаловски, тренер на Вардар:

„Чест ни е што сме дел од ова натпреварување. Првиот натпревар го играме против веројатно најдобриот состав во нашата лига и мотивирани сме да дадеме се од себе за да се спротиставиме. Верувам во одлична организација на турнирот и вистинска кошаркарска атмосфера на натпреварите“.


Емил Рајковиќ, тренер на Фени Индустри:

„Знаеме дека турнирот ќе биде одлично организиран и викендов ќе можеме да бидеме дел од вистински кошаркарски спектакл. Заинтересираноста на јавноста е голема и знаеме дека ќе бидат задоволени сите услови за одигрување на максимално интересен турнир. Сите екипи се квалитетни и мотивацијата кај сите е голема. Нема да биде лесно, но верувам дека можеме да ги оствариме амбициите“.


Марјан Илиевски, тренер на Лирија:

„Самите натпревари во Суперлигата кажуваат дека секој секого може да победи. Ние сме тука со надеж дека можеме да стигнеме до самата завршница. Имаме квалитетни играчи, со важно искуство на вакви натпревари и мотивирани ќе влеземе во сите натпревари. Купот е приказна сам за себе и верувам во одлична организација и интересен кошаркарски викенд“.


Љубислав Луковиќ, тренер на Куманово:

„Доаѓаме со големи амбиции, не само да учествуваме и да го завршиме натпреварувањето уште по првиот ден, туку да останеме подолго. Верувам во моите играчи, здравствениот билтен засега е добар и ако остане така, можеме до пласман во полуфиналето. Интересот за сите натпревари е голем и со апел до сите навивачи фер и коректно да ги бодрат своите екипи, верувам дека кошарката и квалитетот ќе победат викендов“.

Кошаркарскиот Куп на Македонија, кој ќе се одржи во СЦ „Борис Трајковски“, почнува во четврток со натпреварот помеѓу Торус СЦБТ и Работнички во 17.00 часот. Истиот ден се игра и натпреварот помеѓу Вардар и МЗТ Скопје Аеродром, додека за петок се закажани останатите два четвртфинални дуели помеѓу Фени Индустри и Кожув, односно Лирија и Куманово.

“basketball.org.mk“
Ohridnews