Забрзаната урбанизација, несоодветните еколошки студии и зголемениот број на возила се главни причини за промена на микро-климата во одредени региони. Исклучок не е ниту Охрид, каде некогаш воздухот во зима беше совршено чист. Но интензивната градба на високи станбени објекти го прекина природното струење на воздухот, па така мирисот на чад во зима, од година во година е се посилен.

Екологистите предупредуваат дека она што изминативе денови се случува во главниот град е последица од прекумерната урбанизација, а како што објаснува Борче Стојаноски, претседател на ЕД „Грашница“, сличен ваков проблем му се заканува и на Охрид.

Очигледно дека треба да ги слушаме стручњаците, климатолозите, граѓаните и треба конечно да сфатиме дека во Охрид треба да и ставиме крај на прекумерната урбанизација. Она што се случува во Скопје го имаме и кај нас, а според нашите информации ова се случува во делот од „Билјанини Извори“ до Лескајца. Го немаме протокот на оној ветер, Стрмецот, и доаѓа до оваа ситуација. “ – вели Стојаноски.

Научната јавност, со сличен став дека забрзаната урбанизација придонесува во спречување на нормалното струење на воздухот во правец, езеро-копно.

Несоодветната урбанизација ја пореметува микро-климата во Охрид, односно нормалното движење на воздухот, неговото струење и влагата. Во последните неколку години, урбанизацијата на одреден начин претставува ѕид, а од друга страна самите големи градба создаваат своја микро-клима, каде што нема струење. Сето тоа е поврзано, а паралелно имате огромен број на моторни возила. Воздухот споро и делумно излегува надвор, односно не доаѓа до негова циркулација и останува внатре. Ако имате тесни улици, огромни згради и паралелно на тоа голем број возила, тогаш немате никакво стреуње на воздухот. Тука е и глобалното загадување, кое придонесува воздухот да стагнира во еден потесен или поширок регион, односно да создава смог.“ – истакна неоддамна проф. д-р Здравко Крстаноски, од Хидробиолошкиот завод во Охрид.


И минатата година Охрид се „гушеше“ во смог

Последните мерења на квалитетот на воздухот во Охрид се извршени во 2008-ма година, информираат од локалната самоуправа, посочувајќи дека тогаш аеро-загадувањето било во рамките на дозволените граници. Оттаму објаснуваат дека општината нема ингеренции во мониторингот на квалитетот на амбиенталниот воздух во градот.

Со оглед на фактот дека општина Охрид не е вклучена во државниот автоматски мониторинг на систем за квалитетот на амбиенталниот воздух со коој управува Министерството за животна средина, во нашата општина квалитетот на воздухот се испитува преку мрежата на УХМР на едно место. Општина Охрид е зона каде доминира урбаното живеење, наспроти индустријата, и јасно покажува дека анализата на квалитетот на воздухот треба да се разгледува во тој контекст.“ – велат од општина Охрид.

Стручните медицински лица предупредуваат дека последиците од загадувањето на воздухот можат да бидат локални и глобални, односно негативно да се одразат врз човековото здравје.

Локални последици се температурните разлики, промените на влажноста на воздухот, намалувањето на сончевите зраци, намалувањето на видливоста, зголемување на облачноста и оштетување на шумските површини. Глобални се климаткисте промени во широки размери, појава на кисели дождови, постепено ладење на воздухот, нарушување на динамичката рамнотежа меѓу состојките на воздухот, промени на концетрацијата на озонот на атмосферата која ги апсорбира сончевите зраци.“ – велат од ПЗУ „Дарон“.

Инаку, најлош квалитет на воздухот во земјава има во Скопје, Велес, Битола и Тетово, што влијае на 30 отсто од населението во Република Македонија. Во земјава постојат 20 мониторинг станици за мерење на квалитетот на воздухот.

O.T.