Речиси деведесет отсто од архитектонските градби во Струга заштитени со закон ги изгубиле споменичните својства, поради што повеќе не ги исполнуваат условите според кои биле прогласени за вредно културно наследство.
Ова, како што посочуваат од Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид, во најголем дел е последица на законските измени со кои на институциите од областа на заштитата на културното наследство од 1999 до 2005 година им беа одземени одредени ингеренции. Како последица на тоа настанале големи измени и доградби на заштитените објекти, а некои и целосно биле урнати и на нивно место изградени се нови објекти кои немаат никакво културно значење. Но, вакви случаи во Струга има сеуште иако Заводот и Музеј има изработено заштитно конзерваторски основи за оваа општина.

Градоначалникот на Струга Размиз Мерко, вели дека официјално до него не стигнала никаква забелешка од Заводот и Музеј или од надлежниот градежен инспекторат. Според него општина Струга ги почитува законите и препораките на Заводот и Музеј, кои задолжително се имплементираат при изработаката на ДУП-ви.

За разлика од Струга каде објектите го губат културното значење, во општина Вевчани под заштита ќе бидат ставени десет стари куќи, за кои веќе е издадено решение од страна на Управата за заштита на културното наследство.
– Од ова корист ќе извлече не само општината, туку и самите граѓании кои ќе можат да бараат средства од меѓународните фондови за тие објекти. Пропишан е режим за заштита, но тие објекти ќе може да се адаприраат за угостителство, занаетчиство и слично, со што ќе придонесат за развој на туризмот. – истакана Паскали Бунташеска.
Проектот Заводот и Музеј го реализира во соработка со Факултетот за култура и дизајн при Универзитетот Американ колеџ од Скопје.











