Нерегулиран работен стаж, изигрување од страна на некои туристички агенции, се само дел од проблемите со кои се соочуваат охридските туристички водичи. Сепак оние најсеризоните се поврзани со меѓусебната нелојална конкуренција, како и тоа што често пати водичи од странство ги водат групите низ Охрид.
– Ако до пред 4 или 5 години имавме проблеми со таканаречените диви водичи без положен испит за турустички водич, сега можам да кажам дека такви случаи речиси и да нема, но тука е проблемот со пратителите од странските туристички агенции кои ја играат улогата на водичи. Се санкционирани од инспекцијата, но поради малиот број инспектори и недоволна екипираност, многу од нив се провлекуваат неказнето. Се јавува и нелојалната конкуренција помеѓу нас самите. Некои водичи ја рушат тарифата која е општоприфатена во цела Македонија и од сите здруженија на туристички водичи. Тие ја намалуваат тарифата и за 70 или 80% со тоа имаат и по неколку групи во денот, вели претседателот на Здружението на туристички водичи и придружници Кеј, Климент Наумов.
Проф.д-р Науме Мариноски од Факултетот за туризам и угостителство потенцира дека за решавање на овие проблеми, со кои се соочуваат и други земји во регионот, од големо значење е ангажираноста на инспекциските служби.
– Инспекциските служби мора да бидат активни и нелојалната конкуренција да ја сузбијат. Ние немаме ингеренција во таа сфера, но наш домен е подобрување на едукативниот процес. Сега на водичите им недостаусува една оперативна активност –непосредна практика на водење. Предложивме нов тип современо водење кое ќе се структуира во законот за туристички водичи на Македонија, студиска програма која е во согласност со меѓународните стандарди. Стремежот кон ЕУ ќе ги отвори и процесите на доаѓање на странци да водат во Македонија, но додека не сме членка на ЕУ ние можеме во законот да го задржиме статусот на водичи, што подразбира тие да бидат граѓани на РМ. Со членството, таа клаузула би се исклучила. Ваков проблем имаат и други земји во ЕУ и предлог е тоа да се реши со регионални водичи, потенцира професор Мариноски.
Заложбите на здружението КЕЈ кое во моментов брои 35 туристички водичи, е и промена на одредени членови во законот за туристичка дејност, како и да се смени програмата за полагање на стручниот испит за туристички водич. Затоа апелираат на поголема бројност со што би се овозможило и поголемо влијание врз институциите за решавање на проблемите.
Денес здружението го оддржа својот втор работен состанок за оваа година на кој се дискутираше околу проблемите. Присутни беа и претставници од Факултетот за туризам и угостителство, Управата за јавни приходи – даночно одделение, Државниот пазарен инспекторат и Туристичката инспекција.















