Согласно измените на Законот за домување оние згради каде нема определен управител или регистрирана заедница на сопственици, на барање на овластениот инспектор за домување во соодветната општина ќе биде назначен управител од страна на судот во вонпарнична постапка, избран од регистерот на управители на станбените згради, информира министерството за транспорт и врски.

– Од денес , од страна на општините и инспекторите за домување потребно е да се врши соодветен надзор на станбените згради и доколку се констатира дека определена зграда ги нема регулирано своите обврски во однос на Законот за домување ќе биде определен управител кој ќе одговара за управувањето со таа станбена зграда, велат од надлежното министерство.

Оттаму додаваат дека со определувањето управител за вршење на дејностите на управување со станбената зграда или регистрирањето на Заедница на сопственици на посебните делови, на правен и европски начин се регулираат обврските на сите кои живеат во една станбена зграда.

Управител или регистрирана заедница на сопствените согласност Законот треба да има секоја станбена зграда во која има повеќе од двајца сопственици на посебни делови и повеќе од осум посебни делови, сметајќи ги и становите и деловните простории, односно дуќаните.

Како што соопшти Министерството за транспорт и врски согласно информациите добиени од Централен регистар на Република Македонија заклучно со крајниот рок се регистрирани вкупно 2.242 заедници на сопственици на станови, а за 230 субјекти кои поднеле документи, во тек е постапката за регистрирање.
 
Од податоците добиени од Регулаторната комисија за домување до сега се издадени вкупно 10 лиценци за управител за вршење на дејностите на управување со станбени згради, а по едно барање во тек е постапката на одлучување и во овој период се определени 467 управители на станбени згради.

OhridNews