Поради преголемата понуда на пазарот, во последните неколку години значително е опаднат интересот за купување на станови во Охрид. Од охридските агенции за продажба на недвижности тврдат  дека годинава го бележат најслабиот интерес за купување на станови во последните десетина години.

– Порано во Охрид  на продажба се нудеа од 100 до 200 станови, но поради огромната градежна експанзија, според некои слободни проценки во моментов во Охрид на пазарот за недвижности се нудат околу 1000 станови, што е навистина огромна бројка. Токму поради големата понуда минатата година имаше мала корекција во цените во надолона линија, така што истите паднаа од 10 до 30 % по квадрат. Но за жал и помалите цени не донесоа позитивен разултат, односно не привлекоа голем број на купувачи, велат охридските агенти за недвижности.

Тие нагласуваат дека побарувачката на становите во нашиот најголем туристички центар  нагло опаднала од почетокот на оваа година.


-Ние сопствениците на агенции за недвижности, постојано контактираме и може слободно да кажеме дека за првите пет месеци во годинава, сите агенции од Охрид заедно имаат продадено помалку од 10 станови, што според мене е страшна бројка, вели сопственик на една агенција за недвижности во Охрид.

Тој нагласува дека покрај големата понуда главна причина за оваа мала бројка на станови, кои се продадени од агенции е и нелојалната конкуренција, која во последно време е се позачестена.

-Во Охрид буквално секој може да ти продаде стан и да заработи, значи бројот на нелегални продажни агенти цвета како никогаш до сега. Најчето преку овие агенти се продаваат станови во градба, но и станови кои се земаат на компензација, за извршени градежни работи на зградата во која истите се лоцирани.  Причината за оваа состојба е тоа што Законската регулатива во Македонија не ги обврзува купувачите да го купат станот преку агенција и токму поради тоа се создаваат бројни проблеми па дури и  измами, велат нашите соговорници.

Тие очекуваат надлежните институции  во најскоро време да преземат мерки за да се надмине катастрофалната состојба на пазарот за недвижности.


Агентите велат дека доколку малата побарувачка продолжи и понатака, реално е да се очекува нов пад на  цените на стамбениот квадрат во Охрид, кои во моментов се движат од 600 до 1400 евра по квадрат.

 -Најскапи се становите во централното градско подрачје, а најевтини во периферните делови на градот. Помеѓу становите најбарани се помалите , од 40 до 50 квадратни метри, додека пак  поголемите станови се помалку барани Цената на станот зависи пред се од инвеститорот на зградата и од локацијата на станот. Значи на понудата моментално има станови и од 600 евра за квадрат лоцирани во Болничкиот комплекс, но има и станови кои се продаваат од 1700 до над 2000 евра по квадрат во апартманскиот комплекс кај поранешниот хотел  Парк, велат охридските агенти за продажба на недвижности.

Тие додаваат дека покрај становите, во последниот период се бележи и  значително опаѓање на побарувачката на куќи, земјиште и деловни простории во Охрид.

Е.М