Се трупаат трошоците на струшкиот суд оти веќе четири месеци нема кој да плати за погребување на бугарската државјанка, шеесет и двегодишната Павлина Христова – Панова.

Претседателот на струшкиот суд, Ади Усеини во интервју за „Академик“ вели дека судот нема пари, но ниту Судскиот буџетски совет, ниту Бугарската амбасада засега не одговараат на барањата на судот да се плати погребот.

Трошоците од ден во ден растат бидејќи телото се наоѓа во комората за замрзнување на битолската капела, за што судот плаќа по 1.640 денари дневно.

„Се обративме до Министерство за правда, а преку нив до Министерството за надворешни работи во очекување дека тие што побргу ќе искомуницираат со Бугарската амбасада и конзулат, но тие задоцнија многу, а ние за услугата од битолската капела плаќаме 1.640 денари на ден. После феријата ни се јавија оттаму, по што јас лично комуниницирав со бугарскиот конзул петнаесетина пати, му велам: ‘што ќе се прави, таа е ваша државјанка, не можете на судот да му правите проблем и онака си имаме доволно финансиски проблеми’. Се обративме до Судски буџетски совет да ни одобрат средствата, искомунициравме преку Министерството за правда и МНР и со Бугарската амбасада со цел тие да ги сносат трошоците. И еве уште чекаме одговор и од Судскиот буџетски совет и од Амбасадата. Телото си стои во фрижидерот, трошоците се зголемуваат, без средства не може да се погребе. Статус кво, никој не се занимава со овој проблем“, вели Усеини за „Академик“.

Павлина Христова – Панова беше пронајдена мртва во изнајмена соба во Струга. Обдукцијата покажала дека починала од мозочен удар, немала ниту лична карта, ниту патна исправа, а немала ниту блиски роднини во Бугарија кои се живи.

Трошоците за телото на Бугарката се непланиран трошок за судот, којшто се соочува со огромни финансиски проблеми. ЕВН и Македонски пошти веќе испратиле тужби до судот за неплатени сметки, па можно е „да му се суди на Судот“.

„Се молиме со претпријатијата за долговите на судот, но нормално доаѓа време кога тие поднесуваат тужби против нас: еве неодамна пристигна тужба од ЕВН за неплатени сметки. Имаме тужба и од Пошта, за доставата, се работи за огромни суми. И доколку идеме на суд, ќе се донесе пресуда, потоа најверојатно ќе дојде до блокирање на сметката, а за евентуалниот понатамошен развој на приказната ќе ве информирам дополнително. Во вакви ситуации единствена надеж ни е Судскиот буџетски совет“, вели претседателот на Судот.

OhridNews