Чамците, кајчињата и бродовите,  кои вршат превоз на лица или се користат за спорт и рекреација, нема да можат да испловат на отворено, доколку не поседуваат или не носат појаси за спасување. Ова е дел од Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за внатрешна пловидба, кој вчера во рамки на 89-тата седница, Собранието на Р.М.  го поддржа за натамошна расправа.

Покрај задолжителните појаси, предлог законот, пропишува дека за превезување на поголема група на патници,  при склучување на договорот со превозникот , корисникот на превозот мора да приложи список на патниците кои ќе се превезуваат. Бродарот ќе биде обврзан, секое впловување и испловување на пловниот објект, да го пријавува во капетанијата, а инспекторите ќе  може да ја забранат пловдибата, ако утврдат недостатоци, што се непосредна опасност за безбедноста.

При презентацијата на предлог законот, чии што предлагач е Министертвото за транспорт и врски, беше нагласено дека  со него се  предвидуваат многу построги услови, во однос на техничките критериуми и екипажот на пловните објекти, со цел да се обезбеди поголема безбедност во внатрешната пловидба.

– Со измените се утврдуваат стандарди за пловните објекти. Притоа, посебен акцент е ставен на вршењето технички преглед на постојните бродови, на надзорот на техничката документација на бродовите во градба, низдавањето бродски исправи и книги, како и на вршењето инспекциски надзор, со што значително ќе се подобрат условите за безбедност во пловидбата на природните и вештачките езера во Македонија, истакна заменик министерот за транспорт и врски Горан Михајловски, образложувајќи го предлог законот пред пратениците.

Ohridnews