Паника и страв предизвика видео снимка која на интернет ја споделиле неодговорни поединци од дувалото во Косел, лажно прикажувајќи дека по серијата земјотреси во охридско се зголемило испуштањето на чад, како и бројот на дупки од сулфатарата која е остаток од некогашниот вулкан кој е мртов повеќе милиони години.

Потврда на ова стигнува од жителите на Косел. Тие посочуваат дека нема појава на нови отвори во сулфатарата. Истакнуваат дека испуштањето чад од дувалото е нормална појава, а некогаш се должи и на човечки активности, како што тоа било случај вчера кога коселани забележале луѓе како палат огон и снимаат во сулфатарата.

– Порано дувалото се протегаше на поголема површина и имаше повеќе отвори. Но почнаа да носат земја, со булдожери го израмнија, а воздухот мора некаде да излезе. Вчера дојдоа некои луѓе запалија гуми и снимаа со телефони, по што ги објавија снимките, што создава паника и страв. – им изјави денеска на медиумите повозрасна жителка на Косел. 

Дека снимките од дувалото во чад кои внесуваат вознемиреност во јавноста се дело на неодговорни поединци докажуваат доказите кои тие ги оставиле зад себе во сулфатарата. Таму денеска можеа да се забелешат остатоци од темјан и други средства за палење, кои биле употребени за да се прикаже зголемено чадење на сулфатарата, што внесе паника кај населението, вели очевидец.

Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески упати апел до охриѓани одговорно да се однеуваат во ситуацијата и да не шират страв и паника.

-Една моја молба и препорака до граѓаните на Охрид да не шират дезинформации кои не само што не помагаат туку некгаш можат да одмогнат при справување со вакви ситуации. – испакна Бакрачески. 


нема чад кај дувалото во Косел

Серија земјотреси со мал и среден интензитет се регистрирани во текот на ноќта и денеска, по вчерашниот најсилен потрес со магнитуда од 5 степени според Рихтер. Од Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ информираат дека место за паника нема и дека потрес со ваквов интензитет во Охрид бил очекуван, бидејќи од последниот силем земјотрес кој бил со магнитуда поголема од 6 степени поминало повеќе од еден век. Објаснуваат дека земјотресите во охридско се предизвикани од триење на тектонски плочи во раседот помеѓу Охрид и Ресен и немаат никаква врска со некогашниот вулкан кај Косел.

–После земјотрес со магнитуда 5 нормално е да имаме серија послаби земјотреси од главниот земјотрес и таа серија може да трае повеќе време. – изјави Драгана Черних од Сеизмолошка опсерваторија при ПМФ Скопје. 

За да се следи попрецизно процесот Сеизмолошката опсерваторија постави дополнителна опрема во епицентарот на земјотресите во околината на селото Косел, каде тие и најсилно се чувствуваат. 

-Зачестија и не спиеме. Синоќа сите во коли спиеа, некои внатре, ама влези излези, паника е голема. – вели повозрасен жител на с. Косел.

И покрај апелите и смирувачките пораки од надлежните меѓу населението се уште силно се чувствува страв и вознемиреност, а многу јавни институции но и други субјекти денеска го завршија работниот ден порано. Други пак решија да престојуваат на отворено.

Во ЦУК до утрово биле пријавени оштетувања на 180 објекти, во најголем дел обрушувања на ѕидови, оџаци, тераси, како и оштетувања на надворешноста и внатрешноста на објектите.

-Ваков земјотрес не би требало на објектите кои се прописно изградени да им направи позначајни штети, особено не на конструктивните елементи. – вели Вероника Шендова од ИЗИС.

Екипи на Институтот за земјотресно инженерство во текот на ноќта и утрово во координација со локалната самоуправа ги посетија најоштетените објекти, а поради поголеми оштетувања превентивно е затворена за употреба една детска градинка во Охрид. 

Г.М.