Влевањето на заматена вода во Охридско Езеро кај месноста Грашница ги крена институциите на нозе. Деновиве не стивнуваат реакциите како од нашите сограѓани, така и од сите засегнати надлежни служби. По реакциите во јавноста следеше вонредна контрола од страна на Државниот пазарен инспекторат, партиски реакции, а денес и соопштение од ЈП „Колекторски систем“.
Овој проблем трае со години вели жител кој испрати допис до медиумите напоменувајќи дека ова што се случува деновиве е дури „подобар момент“, оти состојбата е катастрофална.
Интересното е во јули и август кога преку цела плажа има пиперки, патлиџани, лубеници и други растенија, зависно од тоа што сме конзумирале ние жителите од таа населба. А таа цевка што ја гледате е канализација. 50 метри погоре поминува канализацијата, но поради малиот капацитет целото ова ѓубре го исфрлаше преку шахтата на улица. Но, за среќа се нашол некој паметен и со еден бајпас го решил проблемот. После оваа цевка на едно 50 метри има уште една канализација што тече во езеро. Таа е на другиот крај од игралиштето, вели нашиот сограѓанин во дописот.
Врз основа на добиена претставка од граѓани на платформата за пријави на ДИЖС, во 16.30 часот на 13 април беше извршен вонреден инспекциски надзор од страна на Државен Инспектор за животна средина од Одделението за инспекциски надзор во животната средина-Пелагониски и Југозападен регион, Канцеларија Охрид, на локацијата кај фудбалското игралиште во населба Воска кај вливот на реката Грашница во Охридското Езеро. При тоа константирано е дека од реката Грашница се влива матна вода најверојатно како последица на зголемениот водостој на водите по обилните врнежи од дожд и топењето на снегот, наведоа во соопштението од ДИЖС.
Веднаш до фудбалското игралиште има два испусти за атмосферски води од кои во моментот на увидот течеше заматена вода која веројатно е измешана со фекална вода од колекторскиот систем. Исто така направен е увид во препумпната станица во населба Даљан која беше во функција. Согласно регулативата одведувањето на отпадните и урбани води е во надлежност на општинската инспекција, поради што беше известен овластениот инспектор од Општина Охрид кој излезе на увид, а во меѓувреме беа контактирани и надлежните служби од ЈП Колекторски систем кои излегоа на лице место и во присуство на Државен инспектор за животна средина, раководителот на општинскиот инспекторат и овластен инспектор за животна средина константирано беше дека од испустите не истекува никаква вода. Потоа беше направен увид во препумпната станица во населба Даљан каде што беше константирано дека нивото на отпадна вода во базенот е намалено. Од страна на стручните служби беше изјавено дека има дополнителна потопна пумпа која автоматски се приклучува. Исто така беше извршен увид и по текот на реката Грашница (Сушица) на улицата Железничка, Прилепска и 15ти корпус каде што водостојот е значително зголемен и водата е матна, беше наведено од ДИЖС.

Колекторот е нефункционален. Наместо комплетна санација на системот, едно од многуте ветувања на СДСМ, охриѓани за возврат од нив добија двојно поголеми сметки за колектор и нови непродуктивни партиски вработувања, се наведува во соопштението од ОК ВМРО ДПМНЕ Охрид.

Од наша страна во текот на претходната година извршено е целосно снимање на овој дел од колекторскиот систем при што се откриени голем број на аномалии кои децениски прават проблем. Од снимките може да се констатира дека најголемиот проблем како овде така и во поголемиот дел од колекторскиот систем е неоделеноста на атмосферската од канализационата мрежа (само околу 20%), која за време на дождови но и после тоа, се до целосно исцедување на количеството на вода од системот, се активираат испустите кои се оставени на тој дел од системот уште во времето на неговата изградба. Голем број на диви приклучоци, намерно искршени цевки како и голем број на внес на чиста вода која наместо да биде поврзана во атмосферскиот систем истата е внесена во нашиот цевковод, велат од претпријатието.

Потсетуваат дека согласно темелена на студијата на јапонската владина агенција за меѓународна техничка помош “JICA“, отпочната е санацијата на колекторскиот систем, за што во прва фаза владата одвои 4 милиони евра.
Успешно се санирани четири најпроблематични точки од кои во минатото големи количини на фекална вода директно се влеваа во водите на Охридското Езеро и тоа во населбите Лагадин, детска болница, потегот кај Горица покрај текот на пешачката патека до плажата Кадмо и делот после препумпната станица Даљан до месноста Св. Еразмо. Исто така беше извршено чистење на секундарната канализација во градовите Охрид и Струга како и комплетно репарирање на 20 препумпни комплети на препумпните станици, велат од претпријатието.
од ЈП Колекторски систем велат дека тоа е само почеток на санацијата која, како што посочуваат, поради пандемијата и кризата времено е запрена, но дека сепак од сопствени средства државното јавно претпријатие продолжува со ревитализација на колекторскиот систем кој не бил одржуван четири децении.
Н.С.Ј.













