Парк просторот наспроти поштата во непосредна близина на дирекцијата на фестивалот Охридско лето во Охрид, долги години стои неуреден. Освен тоа што фонтаната не е во функција, просторот нема никаква хортикултурна уреденост, а поплочениот дел околу фонтаната е обраснат со трева.

Охриѓани сметаат дека неуредноста овој простор претставува една лоша слика за туристите кои секојдневно поминуваат тука.

Се работи за простор кој е лоциран во строгото градско подрачје каде што секојдневно поминуваат илјадници туристи и гости, а сликата која што може да се види тука не е соодветна и не му доликува на Охрид. Сметам дека овој простор треба хортикултурно да се уреди со цвеќиња исто како што е уреден паркот на гредскиот кеј, вели еден повозрасен охриѓанец.

Од охридската локална самоуправа пред извесно време не информираа дека овој простор не е хортикултурно уреден бидејќи истиот е во приватна сопственост.

Се работи за простор кој е во приватна сопственост кој е вратен со денационализација и тука не е предвидена градба. Меѓутоа за било какви активности за партерно и хортикултурно уредување треба да се изврши експропријација на земјиштето кое е вратено со денационализација, велат од општина Охрид.

Ова не е прв случај, неуредни приватни имоти да ја нарушуваат сликата на Охрид како туристички центар.

Е.М