Фудбалерите на Интер се изедначија со Јувентус на врвот од табелата во италијанската Серија А, откако со фантастичен пресврт 4-2 (0-2) го совладаа Милан во градската пресметката на „Џузепе Меаца“.

Дербито „Де ла Мадонина“ како што се нарекува дуелот помеѓу Интер и Милан потсети на најдобрите денови на Серија А кога се играше допадлив фудбал и на гол повеќе.

На стартот од дербито, Милан беше конкретен и поопасен. Првата прилика им припадна на „миланезите“. Чаланоглу добро се ослободи од својот директен чувар и ја погоди стативата со силен и прецизен удар. Интер не остана покусо и возврати преку Весино, кој шутираше во добро поставениот Донарума. Милан добрата игра во поле ја круниса во 40-та минута кога Анте Ребиќ ја затресе мрежата за 0-1. Пред крајот на првиот дел, „росонерите“ стигнаа до 2-0. Ибрахимовиќ се најде на вистинско место и со глава по втор пат ја погоди мрежата на Интер.

Се што градеше Милан во првите 45 минут го прокоцка со анемична игра во првите десет минути од вториот дел. Интер почна фуриозно. Брозовиќ намали 1-2 во 51-та, а во 53-та минута Весино изедначи на 2-2. На крилата од големиот кам бек, Интер продолжи да напаѓа и да ја плете мрежата за трет погодок. Тој дојде во 70-та минута. Де Вриј од корнер со глава го матираше Донараума за вистинска „лудница“ на Џузепе Меаца.

Милан, после третиот погодок нападна, но не успеа да го загрози голот на Интер. Во судиското продолжение, „нероазурите“ со погодокот на Лукаку го запечатија триумфот кој ги лансираше на врвот од табелата во Серија А.

Во следните 15 рунди во кој ќе се одлучува шампионот во Серија А не смее да се отпише ниту Лацио кој има само бод негатива од водечките Интер и Јувентус.

OhridNews