Охридски Амак СП пред себе има речиси невозможна мисија, да се пласира во второто квалификациско коло од кошаркарскиот Еврочелинџ-куп, откако во првиот меч дома загуби од словенечкиот Златорог со 70-76, па вечерва треба да слави со поубедлива разлика на гостински терен.

Дуелот се игра со почеток во 19 часот во салата „Три лилије“ во Лашко. За единствениот македонски претставник во куповите на ФИБА Европа, ова е деби на европска сцена. Данокот на неискуството беше платен на првата средба.

Секој натпревар е приказна за себе, убеден сум дека ќе одиграме многу подобро во Словенија, отколку на петочниот против Соколи. Кога ќе го потцениш противникот, тоа ти се случува, За разлика од мечот со Соколи, во Словенија момците ќе бидат максимално концентрирани – вели тренерот Марјан Лазовски.

Рецептот за успех во Словенија според Лазовски е сведување на минимум на грешките.

Недозволено големиот број загубени топки мора да се намали. Не треба да се брзаме со нападите, мора да играме поконцентрирано. Ако успееме да ја кренеме играта на повисоко ниво, мислам дека можеме да изненадиме. Ќе се потрудиме да изненадиме и да одиграме коректно – умерен е Лазовски.

Златорог викендов во словенечкиот шампионат на свој терен го растури Лука Копер со 89-52, додека Амак СП во Охрид со 100-83 беше подобар од Карпош Соколи.

Викендов најрасположени беа Машиќ со 32, Бердил со 20 и Стрнад со 15 поени. Дополнителен проблем за Амак ќе биде тоа што вечерва Златорог ќе биде засилен со Порториканецот Бердил, кој не играше во Охрид.

Поуспешниот од двобојот Златорог – Амак во следното коло ќе се сретне со холандскиот Ајфел Тауерс, кој пред една недела на гости убедливо го порази унгарскиот Корменд и реваншот ќе биде само формалност.

Судии на вечерашниот дуел ќе бидат Србинот Мазиќ, Црногорецот Драгоевиќ и Хрватот Вовк.

М.П.