На незаконски начин, без соодветна дозвола, пријава и преземање на мерки за безбедност на луѓето, природните и материјални вредности, исечени се неколку јасики покрај коритото на реката „Грашница“ во близина на булеварот „Туристичка“.

Едно од пресечените дрвја падна на спротивната страна преку речното корито во дворот на соседната зграда, оштетувајќи најмалку едно зимзелено дрво и повеќе кабли на различни оператори.

На местото на настанот увид извршија надлежен општински инспектор и СВР Охрид, кои констатирале бесправна сеча. Дрвосечаците, кои најверојатно не биле државјани на Македонија, го напуштиле местото. Направен е записник и поднесена е пријава против едно лице кое било затекнато на местото, кому му била изречена и мандатна казна.

Увид во случајот најави и инспектор за животна средина, а по целосното расветлување на случајот ќе следат соодветни поднесоци.

OhridNews